Василица или Нова година по стариот верски календар за Вевчани значи нова возбуда и ново карневалско доживување. Маските на театарот под снежно небо и годинава беа одраз и огледало на животот и секојдневието.
Карневалот е спој на паганството и христијанството а пораката е да се искорени злото и да победи доброто.Ни дождот не ги спречи маскираните , ниту пак публиката да излезат на главните улици и да го поздрават дефилето на двете васличарски тајфи од Долна и Горна маала со зетот, невестата , двата ѓаволи , Глупавиот Август и стотиците маски инсприрани од актуелните политички но и други настани во Македонија и во светот.
Креативноста и инвентивноста кај вевчанци не изостана и годинава. Карневалот го отворија терористите од ИСИС, стигнаа и бомбите на Заев, руските Бабушки, мисицата Дунавка Трифуновска , палмите на Коце и Грујо, реформите во здравството и ред други маски кои го отсликаа времето во кое живее Македонија и светот.
Карневалот го отвори заменик министерот за култура на Република Македонија Драган Недељковиќ,а градоначалникот Цветомир Угриноски за вечерва, најави забава со Есма Реџепова и Наум Петрески.
На полноќ василичарите започнуваат со посета на секоја куќа во Вевчани и на домаќините кои слават именден им го честитаат. Утре, невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските извори полнат вода и прават кашаник со паричка. Оној што ќе ја најде паричката се верува дека ќе биде среќен цела година. Палењето на маските и василичарското оро ќе го означат крајот на манифестацијата.
Извор: dw.com / Милчо Јованоски