Посебно сме среќни што манифестацијата годинава, во своето петто издание, го постигна очекуваниот врв и од програмски и од организационен аспект, а ја посетија над 1.100 посетители, и тоа претставува досегашен рекорд во однос на сите претходни изданија.
Натпреварувачите беа деца и тинејџери поделени во пет возрасни категории, за нив се доделија повеќе награди како и специјални награди за кои, под водство на реномираната претседателка Олга Панго, одлучуваа реномирани членови од повеќе земји- Слаѓана Спасеновска и Саша Ефтимова (С.Македонија), Бахри Гуркан (Турција), Ерик Јанез Тапија (Куба), Милена Манева (Србија), Мари Лоранс Лионар (Белгија).
За наше уште поголемо професионално задоволство, позитивните коментари на социјалните мрежи не стивнуваат, како од страна на танчерите- учесници, така и од страна на нивните родители, наставници, сопственици на студија, гостите, а посебен печат на сето тоа му даваат и одгласите од странските медиуми, каде се објавени низа прилози и текстови, што нам пак нѝ дава потврда дека е постигната целта и во однос на меѓународната медиумската промоција.
Меѓународниот натпревар за танц “Stage” е еден од најпрестижните културни настани во изминативе пет години кај нас.
-Нашиот главен фокус е да донесеме танчари од други земји за сите тие да добијат можности да се сретнат на едно место и да се поврзат со најдобрите од танцовите сцени, децата да сретнат нови танцови пријатели и танцувачки професионалци, како и да добијат награди и стипендии од светски познати балетски училишта, натпревари и фестивали. “Stage” промовира пријателска средина, и е повеќе од само натпревар, се стреми кон негувачко и охрабрувачко искуство што танчарите ќе го носат со себе засекогаш. Нашата визија е да создадеме позитивна и професионална атмосфера за настап на танчери од целиот свет, но првенствено формирајќи здрава и фер конкурентска атмосфера, вели организаторката Тамара Ѓурчиновска.
“Stage” е новата возбуда во градот Скопје, и во современата сценска култура на младите генерации.
Настанот е препознаен и поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.