Со палење на огнови на неколку повисоки и прегледни места над селото, младите радождани и денес ја одбележаа вековната традиција на палење огнови и пеење песни за поголем род на нивите.
„Керте – ворте, на линско ( Лин село во Албанија ) сворте, таму да вортиш, таму да кертиш – таму има вода студена, таму има глајци ко пајнци“.
Ова е дел од традиционалната обредна песна што се пее во Радожда на денот наречен Керте – ворте што секогаш се паѓа на Прочка .
Обичај, кај месното насление познат како Керте-ворте, кој во суштина, покрај повикот за поголем род и бериќет, содржи и ритуали за бркање на штеточинките од нивите, пред се’ на кртот според кој и самиот обред го добил името.
Керте-ворте трае цел ден, од раните претпладневни часови со собирање смреки кои во вечерните часови се палат.
Преку оганот се бркаат и злите духови кои нанесуваат штета на овошките и другиот род на нивите.
По палењето на огновите младите радождани од повисоките места на селото, каде се палат огновите, слегуваат сред село, каде заеднички уште еднаш повикуваат за род и бериќет на нивите, годината да донесе многу жито и полни амбари.
Панорама на Радожда
Текст и фото: Наум Кутаноски, Публицитет.мк