• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
среда, септември 10, 2025
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Тикер

Наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ за Славе Ѓорѓо Димоски

февруари 3, 2016
in Тикер

Наградата „Стале Попов“ на ДПМ за најдобра прозна книга објавена во 2015 година комисијата во состав Јелена Лужина (претседател), Иван Чаповски и Блаже Минески, едногласно ја додели на книгата „Кадифената покривка“ од Оливера Николова.

„Кадифената покривка“ е провокативна, храбра, неверојатно возбудлива, преку сите граници „заиграна“, маестрално испишана и „чудно“ необично структурирана проза на која, во жанровска смисла, најдобро би ѝ прилегал непостоен теориски квалификатив „роман-во-прогрес“. Умберто Еко би рекол: отворено дело. Македонската книжевност сѐ уште не произвела проза од ваков радикален вид, проза чијшто супериорен книжевен наратив успева постојано да се поигрува токму со најважното – со онаа проколната и темелна естетичка дропка фикција/факција. Во овој „отворен роман“ најмалку е релевантна неговата „фактичност“ која ја застапуваат главните личности: осум историски и јурисдикциски автентични „жени-убијки“, кои живееле и убивале помеѓу 17. и 21. век. Единственото релевантно во и за „ековската приказна“ на оваа книга е нејзиниот „фикционалитет“, заблазнувачката имагинација на нејзината писателка, која го создаде ова зашеметувачко книжевно уметничко дело – стои во образложението на наградата.

Наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка во 2015 година ја доби „Јазичен триптихон“ од Славе Ѓорѓо Димоски. Комисијата во состав акад. Милан Ѓурчинов (претседател), Димитар Пандев и Кристина Николовска, наградата ја доделија со мнозинство гласови. Во потесниот круг влегоа три стихозбирки – „Јазичен Триптихон“ (гласови од Пандев и Николовска) од Славе Ѓорѓо Димоски, „Вампирското“ (глас од Ѓурчинов) од Ристо Лазаров и „Допрено време“ од Благој Самоников. Во првобитната селекција само наградената стихозбирка и поемата „Вампирското“ ги добиле максималните три гласа.

Во образложението за наградата, комисијата напиша: „Добро е познато дека постојат три основни компоненти на поетската креација. Првата е најтесно поврзана со вербалното (поетскиот јазик), втората со – имагинативното, а третата – со референцијалното. Предноста, овојпат, е дадена на првото, кое сѐ уште доминира во современиот македонски поетски дискурс. Но, и другите две компоненти наоѓаат свои надарени приврзаници. Тоа го потврдува и потесниот избор за наградата. Наградената книга зрачи со рафинирана зрелост на поетското писмо. Таа е остварена надвор од сите стереотипи, нурната во метафизичката поетска магма и се изделува во годишната поетска продукција како оригинална и впечатлива творба.“

Наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга со литературна критика и есеј за 2015 година ја доби „Семеен албум“ на универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска. Комисијата во состав Маја Јакимовска Тошиќ (претседател), Оливера Ќорвезировска и Жарко Кујунџиски, од разгледаните девет книги наградата едногласно ја додели на „Семеен албум“, издание на „Матица македонска“.

„Книгата со критички студии и есеи на Мојсова-Чепишевска се издвојува според кохерентноста и заокруженоста на поставените тематски подрачја, кои и покрај дисперзивноста делуваат како компактна тематска целина, понатаму според аргументираноста во одгатнувањето на загатнатите теми, како и по автентичноста на критичкиот израз. Се работи за 11 научно фундирани студии на современи и актуелни теми, сврзани со книжевниот и културниот живот на Балканот, и на местото на македонската литература и култура во него. Темите се однесуваат на прашањата за идентитетот и нацијата, историјата и современоста, траумата и егзилот, културната меморија (сеќавањето) и заборавот, зборот и песната (музиката), хибридноста и инверзијата на стварноста, културата на живеење и урбофилијата. Тематските подрачја се проследуваат преку апликации од значајни остварувања во македонската литература и култура, сакајќи да провоцираат можности за нови толкувања, разработени низ примерите во неколку културолошки и книжевно-теориски студии и есеи“ – стои во образложението на комисијата.

Наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади ја доби „Златко-Златец“ од Велко Неделковски. Комисијата во состав Мито Спасевски (претседател), Делвина Керлуку и Стојан Тарапуза, одлуката за наградата ја донесе едногласно. За наградата конкурираа осум книжевни дела од различни жанрови од автори од повеќе генерациски пројави.

Романот за деца „Златко-Златец“ од Велко Неделковски поседува високи естетски вредности. Станува збор за своевидно огледало на детството со богатство од случки, со многу секојдневни и несекојдневни доживувања. Дејствието во ова прозно дело се одвива како на филмско платно, динамично и уверливо. Прозата на Велко Неделковски е привлечна, интересна, заводлива и сугестивна. Во естетска смисла таа е на ниво што заслужува посебен творечки респект. Содржински оваа книга е во дослух со богатиот сензибилитет на современото дете.

Наградата „Книжевен мост“ за најдобра книга напишана на еден од јазиците на националностите во Македонија ја доби „Прашинка“ (Tozcuk) од поетот од турска националност Јусуф Едип. Книгата паралелно е објавена на македонски и на турски јазик. Комисијата во состав Бранко Цветкоски (претседател), Ресул Шабани и Кочо Топузоски го даде следното образложение:

„Влегувајќи во длабоките наслаги на сопствената запаметена и оформена животна врвица, во немирот на сопствената личност, овој поет, со песните од книгата ’Прашинка‘, која од турскиот оригинал на македонски јазик ја препеа Илхами Емин, воведува поетско промислување на светот и на животот коешто е облагородено од исконската сила на пејзажот, од наслагите на најчистото чувствување на егзистенцијалните проблесоци на опстојувањето и од изблици од традиционалниот живот.

Неговите стихови се напојуваат од отсликот на загледаниот човек кон вистината и тежината на животот, но и на одушевениот човек со радоста на обитувањето. Демнејќи го, главно, молскиот и елегискиот тон и дикција поетскиот говор на Јусуф Едип ја испишува низ разборити и вдахновени стихови целата трагика и хероика на чувствувањето, коешто е приврзано и оснажено од таканаречените примордијални сентименти на единката.“

Извор: mkd.mk 

Посетеност: 90
Share
Previous Post

Вистината за фамозниот Лагадин

Next Post

Учениците и вработените во ОУ „Григор Прличев“ – Охрид ќе го слават животот и делото на патронот

Next Post

Учениците и вработените во ОУ „Григор Прличев“ - Охрид ќе го слават животот и делото на патронот

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 90

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk