На предлог на претседателот на организацијата „Обединета македонска дијаспора“ (ОМД) од Вашингтон, Соединетите Американски Држави, Методија А. Колоски, Управниот одбор, чиј претседавач е Стојан Николов, едногласно му ја додели глобалната „Награда за животно достигнување за 2022 година“ на познатиот публицист, журналист и аналитичар за македонската дијаспората, Славе Николовски-Катин. Наградата ќе му биде врачена на 5-та Глобална конференција на ОМД во Скопје, која се очекува да се одржи во јули 2022 година.
Во писменото известувањето од 11.01,2022 година, се вели дека со глобалната „Награда за животно достигнување за 2022 година“ на ОМД, највлијателната невладина организација на македонските иселеници, им се оддава признание на извонредни поединци кои дале значаен придонес за Македонија, македонскиот народ и општеството воопшто. Со голема почит кон Славе Николовски-Катин и неговата посветена работа на Македонската заедница во дијаспората и неговите многубројни и значајни постигнувања, Управниот одбор на ОМД едногласно го избра за добитник на оваа награда за 2022 година.
Според ОМД, која се залага за оддавање почит на сите лица што дале свој придонес за Македонија, овогодишната наградата му се дава на Славе Николовски – Катин кој е познат само како Славе Катин и е публицист, журналист и аналитичар за македонската дијаспората. Тој не припаѓа на политичка партија, бидејќи е припадник на етничка Македонија, на Македонците во дијаспората и на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), која како институција игра значајна улога во опфаќањето и сплотеноста на Македонците надвор од Македонија, особено во прекуокеанските земји САД, Канада, Австралија и во Европската Унија.
Славе Катин и’ е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно, на етничка Македонија и на животот на Македонците во дијаспората. Исто така, неговата работа и творештво се однесува и на низа други аспекти поврзани со македонската дијаспора, како и со културата, литературата, јазикот, историјата, журналистиката и религијата.
Публицитет.мк