Според Американскиот филмски институт, Британскиот филмски институт и Академијата за филмска уметност најмало прикажувачко време за еден долгометражен филм изнесува над 40 минути, додека според здружението на филмските и телевизиските актери долгометражниот филм треба да трае најмалку 80 минути.
Поголемиот број од долгометражните филмови обично траат помеѓу 90 и 120 минути. Првиот долгометражен филм според критериумите за прикажувачко времетраење бил
„ Приказната за Кели Генг“со времетраење од 70 минути, кој бил прикажан во Австралија во 1906 година. Првиот долгометражен филм кој бил адаптација на познато книжевно дело бил „Јадници“(според делото на Виктор Иго) и бил прикажан во 1909 година.Од првите долгометражни филмови од тој период ќе ги споменеме уште и „Оливер Твист“, „ Ричард III “ и „ Исус од Назарет“ , сите од 1912 година како први филмови во САД.
Првиот руски долгометражен филм бил„ Одбраната на Севастопољ“ од 1911 година,првиот долгометражен Британски филм бил документарниот „ Со нашиот Крал и Кралица преку Индија“ (1912) реализиран во боја и „ Оливер Твист“ (1912).
Првиот азиски долгометражен филм бил јапонскиот „ Животната приказна на Тасуке Шиобара“ (1912) а во Индија „ Раџа Харишчандра (1913) …
До 1915 година во Америка годишно се произведувале повеќе од 600 долгометражни играни филмови. Најпродуктивна била 1921 година кога биле снимени 682 филма а најмалку филмови биле снимени во 1963 година, само 213.Од 1971 година најмногу долгометражќни филмови се снимаат во Индија кога во текот на една година се снимаат над 1000 филмови на повеќе од 12 индиски јазици.
Во текот на историјата должината на филмовите кои биле номинирани за Оскар секогаш била поголема од годишниот просек на произведените филмови. Интересно е исто така дека должината на филмовите во текот на историјата од просечните нешто повеќе од еден час , денес имаат просечна должина од 120 минути.
Секако дека ова се просечни должини но не и најдолги филмови. Еден од најдолгите филмови во светски рамки секако е филмот „ Берлин Александерплац“ од 1980 година на режисерот Вернер Рајнер Фасбиндер кој што трае 931 минута или 15 часа.
Сепак најдолги се таканаречените експериментални филови кои никогаш не можеле да бидат прикажани во кино салите или на телевизијата. Еден од нив е финскиот “Засекогаш модерните времиња“ кој што трае неверојатни 14.400 минути или 240 часа односно цели 10 дена.
Но, се чини дека рекордот го држи шведскиот режисер Андрес Вебер со експерименталниот филм „ Амбианце“чија премиера е закажана за 2020 година.Филмот е толку долг што неговиот прв „краток“ трејлер траел 72 минути,вториот „ малку подолг “трејлер објавен пред две години траел 439 минути односно повеќе од 7 часа а неговиот трет трејлер кој ќе биде објавен во текот на оваа 2018 година ќе трае „ малку подолго од вториот “ односно „ само “ 72 часа.
Ова филмиште , инаку ќе трае 30 дена или ако сакате 720 часа.
Во него се прикажани двајца уметници кои се наоѓаат на една плажа на југот од Шведска. Филмот е реализиран без прекин и монтажа, а е опишан како приказна во која „ просторот и времето се испреплетуваат во надреално патување кое наликува на сон“.
Еден од најпознатите и најпродуктивните режисери на денешнинава чија препознатливост се супер долгите играни филмови е филипинскиот режисер Лав Диаз чии фолмови траат помеѓу 4 и 10 часа.Неговите филмови не се експериментални туку играни филмови во кои настапуваат актери . Според неговите зборови тој своите филмови не ги прави долги за да заработи пари, туку тоа го прави заради уметност. „Секогаш ме привлекува естетиката на филмската слика и заради тоа моите филмови претежно се црно бели.Тоа е мојот начин на изразување и мојата универзална филмска алтернатива „ вели тој.
Интересно е дека и покрај огромната должина на неговите филмови тој честопати е наградуван на познати филмски фестивали. Така, пред две години неговиот филм „Приспивна за тажната мистерија“ чија должина била 485 минути односно 8 часа и 5 минути ,ја освои наградата Алфред Бауер на фестивалот во Берлин каде оваа година се престави со својот најнов и најдолг филм досега „ Сезона на ѓаволот“кој траел 10 часа и 43 минути.Неговиот филм од 2004 година „ Еволуцијата на едно филипинско семејсто“ кој траел 9 часа е награден со награда за најдобар филипински филм, а неговиот седумипол часовен филм „ Меланхолија“од 2008 година , прикажан во програмата „ Хоризонти“ на Венецијанскиот филмски фестивал е награден за најдобар во таа програма.Освен тоа негови филмови се наградени и на фестивалите во Кан и Локарно.
Меѓу најдолгите филмови од поново време секако треба да се спомене и германскиот филм „Една германска хроника“ од 1984 , кој што трае 924 минути односно 15 часа и 24 минути , „ Патување“ од 1987година на режисерот Питер Воткинс кој трае 873 минути или 14 часа и 32 минути, францускиот „ Оут 1“ на режисерите Жак Ривет и Сузан Шифман во траење од 760 минути, или да речеме „ Војна и мир“ на режисерот Сергеј Бондарчук од 1966 година во вкуно траење од 453 минути и многу, многу други.
Холивудските филмови обично траат околу 1,5 до 2 часа. Но понекогаш два часа не се доволни за да се прикаже дејствието на некој филм па така честопати се случува некој од нив да трае и по три и повеќе часа односно двапати и повеќе од вообичаената должина.
Нормално е да се постави прашањето која е причината режисерот да го задржи некого залепен на екранот повеќе од три часа со навистина долг филм? Не секој голем филм е спакуван со едноставен почеток, средина и крај.На епските приказни обично им треба повеќе време за гледачите да ги запознаат со нив особено ако во филмот се опфаќа подолг временски период.
На пример:Можете ли да го замислите филмот „ Кум“ на Френсис Форд Копола без легендарната свадбена сцена. Таа секвенца трае повеќе од триесет минути, и има многу малку врска со дејствието што следува во понатамошниот дел од филмот.Но, Копола во тие триесет минути ги запознава гледачите со сите главни ликови , нивните односи и карактери, па така во остатокот од филмот гледачите можат вниманието да го препуштат на остатокот од приказната.
Познатиот интернет сајт „ Ranker “ неодамна објави една интересна топ листа од 50 тина популарни филмови кои имаат должина поголема од вообичаената анекои од нив се подолги и од три часа. Такаречи сите тие се прикажувале интегрално пред кино публиката и никому не му пречело неговато подолго траење од вообичаните 2 часа. Многу од нив и покрај својата должина се добитници на највисоките филмски награди , Оскарите, што од друга страна може да се рече дека нивната должина во некоа рака преставува и предност при нивното вреднување кај членовите на филмската Академија.
Ние се одлучивме да ви ги презентираме првите 10 од оваа листа на најдолги и најдобри филмови од холивудската продукција:
1.КЛЕОПАТРА (1963) -320 минута
2.СЕ СЛУЧИ ЕДНАШ ВО АМЕРИКА (1984)- 251 минута
3.ОДНЕСЕНО ОД ВИОРОТ (1939) -238 минути
4.ГОСПОДАР НА ПРСТЕНИТЕ:ДРУЖИНАТА НА ПРСТЕНОТ (2001) – 228 минути
5.БЕН ХУР (1959) – 222 минути
6.ГОСПОДАР НА ПРСТЕНИТЕ:ВРАЌАЊЕ НА КРАЛОТ (2003) – 221 минута
7.10 БОЖЈИ ЗАПОВЕДИ (1956) – 220 минути
8. КУМ II(1974) – 220 минути
9.ДОКТОР ЖИВАГО (1965) – 200 минути
10.ШИНДЛЕРОВА ЛИСТА (1993) – 195 минути
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк