Во историјата на филмот одсекогаш постоеле филмски двојки кои биле создадени по разни основи. Некои од нив биле создадени сосема случајно за потребите на некој филм, некои како плод на брачната врска, некои како чиста спротивност на карактерите или физичките различности…Но, сите нив ги обединува голем број на заеднички филмови кои им донеле голема слава и гледаност. Некои од нив по распаѓањто подеднакво успешно ја продолжиле соло кариерата а некои едноставно не можеле да го продолжат патот самостојно.
Во неколку последователни продолженија ќе се обидеме да потсетиме на некои од нив. Ова потсетување нека биде причина повторно да видите некој од нивните филмови.
ОЛИВЕР ХАРДИ И СТЕН ЛОРЕН
Двоецот Оливер Харди и Стен Лорел во денешно време не е најпознат, но ако запрашате некој повозрасен за дебелиот Олио и слабиот плачлив Станлио , ќе добиете објаснување дека станува збор за една од најдобрите филмски двојки.Овие двајца мајстори на хуморот се меѓу ретките кои можеа да се пофалат со тоа дека го преживеале доаѓањето на звучниот филм.Напротив, станале уште попопуларни бидејќи на луѓето им’ се допаднала таа британско јужњачка комбинација на двојка составена од физички спротивности: еден дебел и еден слаб човек. Секако , по нив се појавиле многу имитатори но никој од нив не ја достигнал нивната слава и популарност.
Започнале да работаат заедно од 1927 година и од тогаш настапиле во стотина филмови.Нивната популарност се намалила во текот на втората светска војна . Престанале да снимаат во 1945 година а имале науспешен обид за враќање во 1951 година.
Што се случил по престанокот на нивното партнерство: Иако снимиле , за денешни сваќања огромен број на филмови, по престанокот на заедничката работа тие така речи ништо не работеле. Кога во 1957 година починал Оливер Харди , Стен Лорел се заколнал дека никогаш нема да заигра на филмското платно и покрај големиот број на понуди кои ги добивал , тој го одржал ветувањето. Починал 23 години подоцна , во 1980 година.
ФРЕД АСТЕР И ЏИНЏЕР РОЏЕРС
Машко женската двојка Фред Астер и Џинџер Роџерс преставува уште една двојка од минатото.Повозрасните филмофили имаат особен респект кон оваа филмска двојка бидејќи се работи за разиграна двојка која со своето танчерско умеење и ден денес не е надмината.
Кога младиот австриски емигрант Фредерик Аустерлиц стигнал во Холивуд , не поминало многу време за да му ја доделат Џинџер Роџерс како партнерка – актерка која веќе имала создадено име во филмскиот свет . Пееле и танцувале заедно во десетина филмови чија збирна содржина отприлика изгледала вака: тие се запознаваат , тие се вљубуваат , тие се постојано заедно-секако, сето тоа гарнирано со постојаното тропкање на нивните чевли по подот.
Што се случило по нивното партнерство:Фред Астер отворил цел синџир на школи за танцување , а потоа се појавил уште во неколку мјузикли. Кога веќе бил во поодминатите години одглумил и неколку драмски улоги.
Што се однесува до Џинџер Роџерс , таа по растурањето на партнерството со Фред Астер, станала една од најбараните актерки на Холивуд за во 1942 година да биде најплатената филмска ѕвезда. Играла во 80 тина филмови се’ до почетокот на 60 тите кога се повлекла и кога се посветила на својата љубов кон сликарството и вајарството.
ЏЕРИ ЛУИС И ДИН МАРТИН
Двоецот Џери Луис – Дин Мартин беше турбопопуларен ширум светот. Во периодот од 1950 – 1956 година тие беа најплатените актери. То беше двојка составена од еден смотан и приглуп тип и еден згоден мангуп. Таквата формула тие двајца ја доведоа до совршенство. Сигурно , знаете како изгледа таа приказна: на смотанкото му се допаѓа некоја девојка, а потоа неа ја добива оној згодниот но тоа на смотанкото воопшто не му е важно , туку напротив останува пријател со својот згоден пријател до крајот на животот. Притоа, публиката , разбира се, паѓа од смеење. Но, кога оваа приказна била употребена неколкупати во разни варијанти, публиката им’ го свртела грбот а тие се разделиле и си ја побарале среќата на друга страна.
Џери Луис и без Дин Мартин продолжил со снимање филмови кои му носеле пари и светска слава се’ до половината на 60 тите години кога интересот за него нагло опаднал. На големото платно се враќа во 80 тите години кога ќе блесне со неколку сериозни улоги. Играше и кај Емир Кустурица во филмот „ Аризона дрим “ во 1995 година.
Од друга стана, Дин Мартин по разделбата со Џери Луис го промени друштвото па влета во кланот на Френк Синатра каде членуваа уште и Питер Лафорд и Семи Дејвис јр.Тие заедно снимија неколку филмови од кои некои беа навистина добри. Дин Мартин сними уште неколку филмови од кои најзначаен , барем според хонорарот, е филмот „ Аеродром“ од 1970 година за кој доби хонорар од 7 милиони долари, што била фантастична заработка за тоа време.
МЕЛ ГИБСОН И ДЕНИ ГЛОВЕР
Партнерството помеѓу Мел Гибсон и Дени Гловер започнало во 1987 година за потребите на на првиот дел од филмот “ Смртоносно оружје“. По големиот успех што го доживеа филмот беа снимени уште три филма со учество на истата екипа во која зедоа учество уште неколку нови актери. Така во вториот филм се појави и феноменалниот Џо Пеши кој се појави и во следните два филма, така што може да се говори и за трајно партнерство. А во филмовите нема многу филозофија: ред пукање, ред експлозии, ред хумор и повторно се’ од почеток.Не многу инвентивно но забавно. Како мусака: ред компири , ред мелено месо и повторно ред компири. Знаеш како изгледа но повторно ја јадеш.
Што се случи со Гибсон и Гловер по распаѓањето на нивното партнерство. Освен во „Смртоносно оружје“ овој двоец заедно настапи и во вестернот „ Маверик“ во кој Гловер одигра една малечка улога на ограбувач . Од 1998 година кога е завршен последниот филм , секој тргнал по својот пат, и мора да се каже дека не им ’ одеше лошо.Гибсон стана една од најголемите филмски ѕвезди но во последните години тој западна во творечка криза.
Што се однесува до Гловер тој работи на помалку познати проекти и годишно снима по два до три филма или мини тв серии.Освен тоа тој работи и на добротворното поле во разно разни здруженија но и како амбасадор на добра воља при обединетите нации.
ТОМ ХЕНКС И МЕГ РАЈАН
Двојката Том Хенкс и Мег Рајан во периодот помеѓу 1990 и 1998 година заедно снимија три филма од кои секако најуспешен беше оној од 1993 година насловен како „Бесони во Сиетл“ . И трите филмови беа од жанрот на романтични љубовни приказни со елементи на комедија. Во тој период беа прогласени за една од најпопуларните филмски двојки. Нивната соработка започна во 1990 година со филмот „ Џо против вулканот“ во кој Мег Рајан игра дури три улоги.Својот последен заеднички филм тие го имаа во 1998 година . Беше тоа филмот „ Имаш пошта“ кој не го повтори успехот на нивниот предходен заеднички проект.
По последниот нивен заеднички проект во во 1998 година Том Хенкс и понатака продолжи со снимање на успешни филмови како што се „ Зелената миља“ , “ Фати ме ако можеш“, “ Терминал“, “ Кодот на да Винчи“ или последните негови успеси “Мостот на шпијуни“ и најновиот „ Холограм за кралот“.
Истото може да се рече и за Мег Рајан која продолжи да ниже успеси со филмовите: „Доказ за живот“, „ Меѓу јажињата“, „Кејт и Леополд“ и други иако мора да се признае дека годините си го прават своето и за неа има се помалку улоги во филмовите со кои стана популарна. Но, нели таков е животот.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк