Третото продолжение од овој серијал донесува неколку филмски двојки кои останаа запаметени по заедничката работа но и по заедничкиот живот од кој произлегоа личности кои го продолжија делото на своите родители со поголем или помал успех.Овој пат ќе биде тоа потсетување на неколку филмски двојки на кои помалку сме подзаборавиле но филмски двојки кои своевремено заради нивната приватна врска беа мета на жолтиот печат.
Најопејуваната актерско љубовна двојка во историјата на филмот , која сепак својата врска не ја озваничила пред олтар, ја сочинуваа Спенсер Трејси и најугледната дама на Холивуд, Керин Хепберн. Најчесто прераскажуваната анегдота сврзана за тие двајца актерски супертешкаши датира уште од нивната прва средба.Во таа прилика дрската Кетрин наводно на Спенсер му се обратила со зборовите:„ Мислам дека сум превисока за вас господине Трејси“, на што тој подготвено возвратил:„ Без грижа, ќе те скратам на вистинска височина“. Вистина или не , оваа анегдота можеби најдобро го опишува односот помеѓу овие двајца големи актери. Тие својата врска ја започнале во 1941 година, а по првиот нивни заеднички филм„ Жена на годината“ од 1942 година тие снимиле уште осум заеднички филмови од кои скоро сите го завзеле своето место меѓу класиците.Нивните бројни дијалошки пресметки во филмовите „ Адамовото ребро“, „ Погоди кој доаѓа на вечера“ и други , многумина , според интензитетот , страста и присутната хемија, ја споредувале со некои експлицитни сцени на секс , карактеристични за филмовите од 70 и 90 тите од изминатиот век.
Споредбата веројатно е претерана , но сигурно постои поприличен број на оние кои сметаат дека филмските препукувања на Хепберн и Трејси спаѓаат во вистинско вербално водење на љубов која по својата сила и убавина ги надминуваат физичките прикази на истата во поновите филмски остварувања. Без обзир на нивната голема љубов тие никогаш на живееле заедно освен во последните денови од неговиот живот заради тоа што не бил способен да се грижи за себе. Освен тоа, Трејси целиот свој живот бил оженет за актерката Луиза Тредвел од која не сакал да се разведе заради длабоки верски причини. Сепак, можеби вистинската причина за оваа нереализирана љубов до крај, се крие во најновите и сеуште непотврдените податоци од биографијата на Кертрин Хепберн , според кои дека таа повеќе ги преферирала жените…Дали тоа било точно, никогаш нема да се дознае. А она што се знае е дека Трејси починал само 17 дена по завршуваето на филмот “ Погоди кој доаѓа на вечера“. Се случило тоа на 10 јуни 1967 година. Хепберн била во агонија од преголемата болка по изгубениот партнер. Таа одлучила филмот никогаш да не го види, со што на својата најголема љубов и оддала последна почест.
Филмската двојка Хемфри Богарт и Лорин Бекол ги немале проблемите на Трејси и Хепберн. Богарт по трите неуспешни брака дефинитивно се одлучил по четврти пат да стапне на лудиот камен.Одкако настапиле заедно во филмот „ Да се има и да се нема“ во режија на Хауард Хокс во 1941 година, и одкако се бендисале , се согласиле да стапат во брак на 21 мај 1945 година . Бракот траел до 14 јануари 1957 година , кога починал Хемфри Богарт.
Во тие 12 години на заеднички живот заедно снимиле четири филма . Освен веќе споменатиот во 1946 го снимиле и филмот „ Длабокиот сон“, една година подоцна „Темниот премин“ а во 1948 и познатиот филм на режисерот Џон Хјустон „ Островото Ларго“.
Богарт и пред бракот со Лорин Бекол имаше успешна кариера. Само да ги споменеме филмовите „ Улица без излез“, „ Благото на Сиера Мадре“, „ Малтешкиот сокол“ и секако „ Казабланка“.
За разлика од него , на Лорин Бекол улогата во филмот „ Да се има и да се нема“ и била прва во нејзината кариера . Со својата улога на самопочитувана авантуристка, која со невидена храброст се снаоѓа во светот на мажите и му парира на својот партнер Хемфри Богарт, е нешто што и’ донесе популарност и воедно стана симбол за однесување на современа еманципирана американска жена.
Бекол го надживеа Богарт цели 57 години. Почина во 2014 година на 89 годишна возраст.
Филмската двојка Лоренс Оливие и Вивиен Ли во брак беше во периодот од 1940 до 1960 тата година.Тие заедно за првпат настапуваат во филмот „ Огон над Англија“, историски спектакл од 1937 година во режија на Вилијам Хауард. Една година подоцна тие повторно настапуваат заедно и во драмата „ 21 ден заедно“ во режија на Базил Дин за кого сценариото го напишал познатиот писател Греам Грин.
Во 1940 година тие стапуваат во брак. Една година порано таа го снима спектаклот „Однесено од виорот“ откако ќе оди во Холивуд за да го придружува својот иден сопруг Лоренс Оливие кој во тој период во Холивуд бил повикан за да настапи во филмот „Оркански височини“ за кој ќе ја добие и својата прва номинација за наградата Оскар.
Откако ќе се вратат во опустошената ,од војната, Англија , тие ќе настапат заедно во филмот „ Лејди Хамилтон“ во 1942 година во режија на Александар Корда.
Лоренс во филмот го игра ликот на адмиралот Нелзон со што дефинитивно стекнува углед на отелотворувач на англиски национални херои кои мораат да донесуваат судбински одлуки за својата земја.
По нивниот развод во 1960 година Лоренс Оливие една година подоцна ќе се ожени за актерката Џоан Плуврајт . Ќе бидат во брак се до неговата смрт во 1989 година.
Вивиен Ли по разводот ќе настапи уште во неколку интерсни филмови, меѓу кои најзначајни се „ Римската пролет на госпоѓата Стоун“ од 1961 година и „ Бродот на лудаци“ од 1965 година.
Почина на 53 годишна возраст во 1967 година.
Мошне интересна филмска двојка беше актерско брачната двојка Тони Кертис и Џенет Ли. Беа заедно во брачна заедница цели 11 години , од 1951 до 1962 година. Ова „цели“ особено важи за машката половина Тони Кертис кој се женеше уште пет пати . За последен пат тоа го направи во 1998 година кога за сопруга ја зеде 45 години помладата од него Џил Вандерберг со која поживеа само две години , до неговата смрт во 2010 година.
За време на брачната заедница со Џенет Ли тие изродија две деца од кои Џејми Ли Кертис стана мошне позната актерка, и снимија заедно пет филмови. „ Худини“ во 1953 година, „ Црниот штит на Фалворт“ од 1954 година, „ Совршено одсуство“ од 1958 , историскиот спектакл „ Викинзи“ од 1958 година и филмот „ Која беше таа дама “ од 1960 гоина како нивен последен заеднички проект.
Тони Кертис во својата кариера сними околу 80 тина филмови , меѓу нив секако е најпознат филмот„ Некои тоа го сакаат жешко“од 1959 година.
Што се однесува до Џенет Ли таа ќе остане запаметена по филмот „ Психо“ на Алфред Хичкок од 1960 година за која имаше номинација за Оскар за споредна улога.
„ Бев светица , па курва и повторно светица – и тоа се’ во еден живот“ , изјавила во една прилика Ингрид Бергман . Оваа филмска дива ја шокирала американската јавност кога за време на снимањето на филмот „ Стромболи“ во 1949 година се впуштила во врска со режисерот на филмот Роберто Роселини и останала бремена.Заради неповолната медиумска кампања во Америка , такаречи била принудена на егзил во Италија. Со Роселини изродила три деца , меѓу нив и Изабела Роселини – денес мошне позната актерка и режисер а своевремено и модел.Заедно снимиле шест филма во кои тој се потпиша како режисер а таа како толкувач на главната улога. Меѓу нив се и филмовите „ Европа 51“, „ Патување во Италија“, омнибус филмот „ Жени сме“ и „ Страв“. Но , сите тие не го постигнуваат успехот кој се очекувал од една ѕвезда од нејзин формат. Таа кон средината на 50 тите години се враќа во Холивуд по разводот од Роселини во 1957 година и ја продолжува успешната кариера. Кон крајот на 50 тите јавното мислење за неа се менува. Кога во 1958 година на доделувањето на Оскарите требало да го додели Оскарот за најдобар филм, при излегувањето на сцената била дочекана со овации . Љубителите на филмот, секако, најмногу ја паметат по суперпопуларната љубовна драма „ Казабланка“ од 1942 година. Ингрид Бергман почина во 1982 година.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк