Кочо Рацин или целосно Koста Апостолов Солев Рацин (Велес, 22 декември 1908 – Лопушник, 13 јуни 1943) — македонски книжевен деец и комунистички активист, најпознат по својата поезија.
Се смета за еден од основоположниците на современата македонска литература, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, философијата и литературната критика.
Прекарот Рацин доаѓа од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца. Рацин кратко време користел и друг псевдоним, Невен Пејко, кој го зеде од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ.
Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен.
Поезија
Рацин започнува да пишува поезија во 1928 година. Од февруари до јули на својата љубов Рахилка Фирфова ѝ ги посветува своите љубовни стихови со крв и мастило на 31 дописна картичка и стихозбирката „Антологија на болката” останата во ракопис. Картичките денес се чуваат во Архивот на Македонија. Песните главно се напишани на српскохрватски јазик, освен шест, кои се напишани на бугарски („Разнеженост“, „Рухнаха се надеждите мои“, „Плач в безмощие“, „Все пак…“, „Мечти в полунощ“, „И пак тъга раздира ми гърдите“).
Истата година во двобројот за октомври-ноември на загрепското списание „Критика“ е објавена неговата прва песна, „Синови глади”, напишана на српскохрватски јазик. Од мај до октомври 1930 година во сараевското списание „Снага” објавува четири песни: „Из фабрике”, „У предвечерје”, „Челичном строју” и „Бити човек”. Во 1932 година во Скопје Рацин објавува заедничка стихозбирка со студентите на Философскиот факултет во Скопје, Јован Ѓорѓевиќ и Александар Аксиќ, на српски јазик под наслов „1932“. Во оваа збирка е објавена една од Рациновите најсилни песни „Ватромет”. Следна песна која ја објавува Рацин е песната „До еден работник”, која е прва песна на Рацин на македонски јазик, а ја објави загрепското списание “Књижевник” во 1936 година. Во 1937 година, по повод загинувањето на велешанецот Ганчо Хаџипанзов во Шпанската граѓанска војна, ќе ја напише „Испанска балада“, а во 1938 година ја објавува песната „Смрт астуриског рудара“.
Најголемиот успех го постигнува во 1939 година со стихозбирката „Бели мугри”. Стихозбирката е испечатена во 4.000 примероци и се растура по цела тогашнаЈугославија и во Пиринска Македонија, постигнувајќи голем успех.
Треба да се спомнат и двете стихозбирки „Македонски народно-ослободителни песни“ чиј уредник е Рацин. Првата излегува од печат на денот на неговата смрт, 13 јуни1943 година,[16] додека втората е објавена набрзо потоа.
Проза
Рациновиот прв објавен прилог е неговата прозна исповест „Резултат“, објавена во двобројот за август-септември 1928 на загрепското списание „Критика“. Во 1932година учествува на конкурсот на загрепската „Литература” и е награден за својот расказ „У каменолому“, кој подоцна е и објавен во ова списание. Во 1933 истото списание објавува фрагменти од неговиот роман „Опиум“ (преведен како „Афион“ на македонски). Овој роман Рацин почнал да го пишува околу 1931 година, но ракописот настрадал при провалата и апсењето на Рацин. Другите раскази на Рацин се: „Тутуноберачи“ (1937), „Пладне“ (1937), „Еден живот“ (1937), „Златен занает“ (1939), како и „Татко“ и „Радоста е голема“, кои се објавени подоцна.
Извор: Википедија