„Благодороникот“ е шеста премиера на Народниот театар од Охрид годинава. Почетокот на претставата е во 20 часот,а од септември таа ќе биде на редовниот репертоар на театарот
Кога на непоправливата малограѓанштина ќе се додаде длабокото и ѕвечкаво кесе со пари, а невкусот е збратимен со глупоста.
Кога гладта за титула е „намирисана„ од профитерите, а заљубеноста го поматила умот до ниво на халуцинација, добиваме совршен материјал за граѓа од урнебесно апсурдни ситуации што ги надминуваат и најиспревртените карневалски принципи. Сепак, она со што не соочува претставата „ Благородникот“ од Жан Батист Поклен Молиер, а во режија на Дејана Николовска, е многу реална и загрижувачка рефлексија за Светот со паднати вредности и заканувачката моќ на глупоста да издоминира врз интелигенцијата, умереноста и приземноста како принципи врз кои се темели едно здраво општество.
Преку своите комедии Молиер ги поставува прашањата за етиката и владеењето на разумот– тој вечен стремеж на класичарите – имено колку е тааа кревка и искривоколчлива дури и -а можеби и најповеќе- во рацете на најиздигнатите во општеството; дури и кај оние што од утро до мрак ја славопојат благосостојбата на духот и естетските вредности. Француското општество од своето време, Молиер го поставува на детално испрашување, пред очи кои проникнуваат длабоко во човечкиот караткер и неговите типични пороци и неумерености. За да се сотвори успешна комедија, историски гледано, приметуваме, потребни се времиња на длабок пад на општеството, деградација, декаденција, луди владетели, глад и немаштија меѓу народот. Кога еден извонреден комедиографски талент ќе се роди во такво време, тогаш книжевната историја, архивира светско наследство што вечно ќе се препрочитува и ќе се поставува, адаптира на новите историски околности.
Изборот да се постави ова дело на еден од најголемите комедиографи во светската драматургија, доаѓа во прав момент. Делото кореспондира со актуелните општествени кризи, кога елитата и интелектуалата се принудени замолчено да коленичат пред вртоглавата обземеност со материјална моќ. Режисерката Дејана Николовска со пиетет му приоѓа на драмскиот текст, овозможувајќи му на гледачот да го восприеми афтентичниот ракопис на Молиер кој се карактеризира со ингениозни лексички решенија, пребирлив вокабулар и префинет хумор. Интерпретацијата успева да ги доближи карактерите и ситуациите во кои ќе препознаеме исечоци и слики од нашето секојдневие.
Во комедијата, вели режисерката, Молиер ги третира овие пороци бескрпулозно, остро на јазик и без извинување. Околу ова тој го искоментирал следново: „Функцијата на комедијата е да ги насмее луѓето а, преку смејата таа ги прави подобри. Помислив, со оглед на мојата професија, нема ништо подостојно отколку со своите створенија, да ги бичувам пороците на својот век“.
Ансамблот на НТО до најситен гест ги прецизира карактерите. Веќе добро познати на матичната публика, тие на „даските„ носат уште еден сет од незаборавни ликови – почнувајќи од тапчото Журден- кој ќе ве потсети на новопечен парајлија од чија што скапа кола врешти турбо фолк; преку умерените и досетливи ликови кои му служат на неговите луди хирови –олицетворение на народната итроманска мудрост, па се до кокетната Маркиза и декадентниот Гроф, кои што продуцираат глума во глума – една за гледалиштето и уште една, лицемерна, за да ја потхранат илузијата на жедниот за титула Журден, обезбедувајќи си материјална сигурност внатре во дејствието и заслужени аплаузи од верната публика. Заедно со заљубените и невини ликови Лусила и Клеонт, кои се обидуваат да противтежат од страната на нормалноста во каламбурот на неразумноста и привидот, тие приредуваат весел карневал –театар во театар – како единствен принцип на отпревртување на хаосот во ред.
Костимите се раскошни, колоритни и создаваат успешна градација на општествените рангови кои меѓусебно дијалогизираат во комедијата. Дизајнерските решенијата пак, се изведени да комуницираат помеѓу различните епохи 17 со 21 век, а заедно со аксесоарот и реквизитата тие се одликуваат со интелигентна хумористична доза, хиперболично играјќи со високиот стил и кичот. Како такви тие им додаваат на ликовите карикатурални контури – кои засмејуваат уште со самото појавување на актерите во различните сцени. Сценографското решение е минималистички чисто – но зрачи со силна иронија која евоцира на двор што мириса на пари и духовна сиромаштија.
Претставата е поставена со лесен, приемчив пристап, во ведра летна атмосфера која ја обезбедува присутноста и опуштеноста на гледачот. Ансамблот принесува вкусен естетски ужиток, надополнет со пријатни и романтични музички композиции – како паралелно дејствие во кое се пресметуваат класиката, рустичноста и кичот. Во таквата заводлива обмама на поставката, гледачот сепак не е оставен комфорно да ужива. Напротив тој е директно предизвикан да се соочи со личните слабости и вредносни судови, а и повикан е да се справи со нив.
Кога рака под рака ќе се фатат работата и стресот; кога дневните вести и политиката ги угостуваме секојдневно на вечера; кога од грижи не знаеме дали да ја продолжиме борбата со ветерниците или да си поплачеме над својот јад, подигнеме бело знаменце, нема ништо полековито од тоа да си приуштиме театар и здраво смеење. Поставуван еднаш во триесеттите и еднаш во осумдесеттите, оваа сезона „Благородникот„ и Молиер стануваат куриозитет кој мора да се погледне, а Охридскиот театар уште еднаш ја потврдува својата посветена улога да ни приреди многу смеа и квалитетен театар.
“Благородник” – Молиер
Режија: Дејана Николовска
Играат:
Стрезо Стаматовски
Никола Тодороски
Христина Цветаноска
Филип Кипровски
Елизабета Стефановска
Јасмина Билаловиќ
Сашо Ристовски
Павел Маслов
Ивица Цонев
Лазар Милошески
Марија Неданова
Сценографија: Милена Пантелеева
Костимографија: Милена Пантелеева
Композитор на музика: Оливер Јосифовски
Глас на сонговите: Вера Милошевска
Кореографија: Ана Савиќ
Инспициент: Филип Ангеличин – Жура
Драматург: Кристина Тодороска – Петреска
Технички раководител: Зоран Левески
Светло: Борис Велјаноски
Тон: Митко Серафимоски
Гардероба: Линдита Мерко, Деса Лазороска
Шминка и фризура: Диме Блажески
Реквизита: Маријана Николоска, Соња Крстаноска
Изработка на сценографија: Даниел Андрески, Кире Ангеловски, Ѓоко Китески
Кетеринг: Радмила Николоска
Публицитет.мк