Методија Бараковски – Менде е човек кој се чини не знае да мирува. Постојано е во акција, а љубовта кон музиката за него е број еден. Охриѓани добро го знаат и го почитуваат и како поранешен професор, педагог, раководител на КУД „Ѓердан“ но и како свој сограѓанин. Деновиве во „Летница“ на минување ни најави еден свој нов проект, за кој сонува одамна и се чини е пред реализација.
„Мојата професија беше работа со најмладите во изучување на инструменто виолина,како и додатна настава по теорија и солфеж во Основното музичко училиште „Методи Патче“- Охрид.Во програмата покрај нотно описменување и интонација имаше и пригодни песнички за одредени датуми.Морам да го споменам композиторот Кирил Македонски и неговите композиции за деца,песни,кои многу лесно и со многу љубов беа прифатени од учениците.Големината на овој прекрасен човек не беше само во големите дела, туку и во малите композиции за најмладите.Ова беше поттик и јас да пробам и да напишам една песна по повод 8 Март – Денот на жената, мајките. На песничката заеднички со децата и го дадовме името „Цвет за мама“.
Бев многу радосен, зошто песната беше со радост прифатена не само од учениците во Музичкото, туку во сите училишта се пееше за празникот 8 Март.Така почнаа да се раѓаат нови песни на нови теми.Во мојот опус имам забележано околу стотина детски песни..Многу бев радосен зошто песните се пееја на многу приредби во градот па и пошироко и повеќе песни се ставени на ЦД.
Најголем дел од нив се изведени на фестивалот за детска песна „ Распеано рибарче“ а другите се дел од репертоарот на „Распеаните ѓерданчиња“ при КУД „Ѓердан“ .
Овие песни за да не се заборават и да бидат попристапни се одлучив да ги зачувам со издавање на една нотна тетратка во која ке бидат забележани околу 60 песни.
Со помош на Локалната самоуправа овој проект наскоро ќе биди завршен и во месец октомври ќе ја има и својата промоција. вели за „Публицитет.мк“ Бараковски.
Публицитет.мк