Познатиот фолк интерпретатор Душко Георгиевски го подготвува својот прв солистички, гала концерт, насловен „Свири ми виолино“, според неговата истоимена победничка валандовска песна.
Концертот ќе се одржи на 26 февруари 2016, во киното „Фросина“, при Младински културен центар, со почеток од 20 часот. Концертниот репертоар на „Свири ми виолино“, ќе биде составен од неговите најголеми хитови и најпознати песни.
На сцената ќе биде придружуван од групата „Фортуна“, а како гости ќе се појават пејачката Благица Хаџи Павловска, харфистката Мерсиха Шукри, мандолинскиот оркестар „Скопје“ под водство на маестро Рамадан Шукри, и модераторот на вечерта, актерот Мите Грозданов. За неговиот имиџ ќе се погрижи модната креаторка Олгица Ѓоргиева, стилистот Владимир Трајковски, додека фотографиите за постерот на концертот се изработени од Горан Десковски.
Душко Георгиевски својата 20 годишна кариера ја гради студиозно и темелно, песна по песна, во соработка со врвни македонски автори. Неговата музика е одраз на вековната певлива македонска фолк традиција, во која извираат лирски, емотивни, љубовни и родољубиви мотиви.
Досега има отпеано и снимено повеќе од 150 песни, во продукција на МРТВ, како и најголем дел во приватна продуцкија, од кои повеќето се фестивалски песни, а многу од нив наградени со награда од жири комисиите или од публиката.
Душко Георгиевски дебитираше на еден поранешен фестивал „Тетовски фолк филиграни“ заедно со Анета Наковска, каде ја освојуваат дебитантската награда со песната „Животот бргу си поминува“. На „Песна на летото 95“ година настапи со „Затвори ме во твоето срце“, за да следната 1996 година со песната „После тебе“ на фестивалот „Цветници“ ја освои дебитантската награда.
На „Цветници 97“ со „Да ја немам песната“ ја освои првата награда од стручното жири, а веќе следната година на таа сцена ја добива наградата за најдобра интерпретација на песната „Глас на љубовта“. Следно е „Тетово фолк фест“ каде се закитува со првата награда од стручното жири за песната „Ќе ви дојдам неканет“. На фестивалот „Низа“ во Прилеп, кој се одржа само една година, освојува трето место од стручното жири, пеејќи ја песната „Брод од хартија“.
Понатаму, на „Фолк фест Валандово“ со „Моја лична Румено“ повторно трето место од стручното жири, а песната „Посади ми ран босилек“ на „Цветници“ беше наградена за најдобар текст и аранжман. Со „Мајко проштевај“ на „Тетово фолк фест“ ја освои втората награда од жирито, додека со „Илино моме“ на „Охридски трубадури“ ја освои првата награда од стручното жири.
На фестивалот „Благоевград 2006“ ја освојува првата награда за најдобра интерпретација. Се редат и други награди, со песната „Машка клетва“ ја освои наградата за најдобра интерпретација на „Охрид фест 2007“. Има и неколку успешни настапи на „Серенада фест“ во Битола.
Георгиевски има снимено голем број народни песни со народниот оркестар при МРТВ („Збогум мила“, „Марие млада невесто“, „Двајца млади вљубени“- дует со Сузана Спасовска, „Са ноќ ле Надо“ дует со Милена Јовановска), исто така и со чалгиите („ Три години станаа“, „Ој ти моме малој моме“, „Нико меанџико“ дует со Анета Наковска
Учествува и во проектот „Антологија на македонската чалгиjа“ со песните „Збогум мајко“, „Филизо моме“, „Абер дојде Ајше ле мори“, „Кажи Славке, кажи ќерко дует“ во Сузана Спасовска. Со оркестарот на изворни инструменти при МРТВ ги испеал „Ајде вино пие млад Илија“ и „Многу мерак имам бабо“. Остварил многубројни изведби во живо на радио и телевизиски емисии и гостувања во земјата и надвор.
Минатата година, 2015-та, беше една од најуспешните години во неговата кариера- реализираше два спота поддржани со законот за поддршка на домашната продукција- „Лична Елена“ и „Самовилска убавина“, победи на „Фолк фест Валандово“ со песната „Свири ми виолино“, освои прва награда на фестивалот „Филиграни“ и успешната изведба на песната „Маре мори Маре“ на фестивалот „Роса фест“. Зад него се и многу телевизиски настапи, гостувања во странство, учество на безброј хуманитарни настапи, манифестации, дружења со публиката.
Својот прв концерт „Свири ми виолино“ го најави и преку двете, нему посебно драги средби, со пензионерите во Дневните центри за пензионери во населба Маџари и во „Даре Џамбаз“, поддржано од Црвен крст на Македонија.
Фото:Горан Десковски
Публицитет.мк