На почетокот од овој месец, наставничката по германски јазик Ивана Маховска Шикалеска беше во двонеделна посета во Дрезден, Германија каде што ја реализира стипендијата која ја доби како награда од Гете- Институт Скопје за признанието – Најдобар наставник по германски јазик за 2018 година.
-Овој престој претставуваше едно многу големо искуство за мене како наставник но и како човк кој постојано е во контакт со германскиот јазик и култура. Освен што активно се занимавав со јазикот, учев и техники и методи кои наставниците во Гете- Институт Дрезден ги применуваат при предавањето кои во иднина во целост би ги применила бидејќи се достапни за имплементирање и во нашиот образовен систем односно. Иако не секогаш ни е овозможено користење на најнова модерна технологија на часовите по странски јазик, сепак еден добар и креативен наставник е оној наставник кој од ништо може да створи нешто, вели Маховска Шикалеска.
Имено, Гете – Институт Скопје постојано ги поддржува партнерските училишта со нова опрема и наставни помагала но и нуди обуки за сите наставници по германски јазик.
Во тек е реализацијата на проектот „ Туристички водич за млади“ – електронска брошура кој што го реализира со учениците од СОСУ „ Св. Кирил и Методиј“- Охрид.
-Работам со ученици кои се несомнено желни за иновативност и креативност во наставата. Прекрасно соработувам со колегите и раководната служба во училиштето со кои постојано се консултирам за текот на проектот. Проектот е во својата фаза на креирање и дизајнирање водич од одбраните слики на училишната изложба – самите ученици го прават дизајнот. Се надевам дека почетокот на месец мај ќе го одбележиме со презентација на електронската брошура но и со можен примерок на испечатена верзија, додава наставничката Ивана Маховска Шикалеска.
Публицитет.мк