Куќата на Уранија и во август ќе биде место во кое ќе се беседи и ќе има изложби и промоции, најавуваат од Македонската академија на науките и уметностите.
Во рамките на Научната и уметничка визита 2015 во Научниот и уметнички центар „Уранија“ на 1 август, сабота од 20 часот ќе биде отворена изложбата на Рубенс Наумоски насловена „Меѓу сонот и јавето“. На 5 август, среда во истиот простор и време академик Владо Камбовски ќе ја промовира книгата „Преспа II “ од Вера Битракова – Грозданова. Изложбата „Кујната на Масин“ од познатиот Мирослав Масин е планирана за 8 август од 20 часот. На 15 август во истиот вечерен термин ќе биде промовиран научниот труд посветен на „Курбиново“ од академик Цветан Грозданов, а промотор ќе биде академик Владо Камбовски. МАНУ во соработка со „Охридско лето“ на 19 август од 20 часот ќе ја промовира четвртата книга „Собрани драми“ од Горан Стефановски. Промотор ќе биде академик Катица Ќулавкова.Будно следејќи ги актуелните состојби во земјата и овој август академиците ќе одржат трибина на која ќе зборуваат за иднината на Македонија. Научната трибина: „ Како понатаму?“ е планирана за 22 август во 20 часот. Воведни излагања ќе имаат академиците: Владо Камбовски, Георги Старделов и Блаже Ристовски. Два дена потоа, на 24 август во истиот термин ќе биде отворна изложба на академик Глигор Чемерски под наслов: TEMPI NON PASSATI. Изложбата ќе ја отвори академик Влада Урошевиќ. Научната и уметничка визита се затвора на 28 август со промоцијата на четирите тома SUMMA AESTHETICAE од академик Георги Старделов. Промоцијата ќе ја отвори претседателот на МАНУ академик Владо Камбовски а промотори ќе бидат: д-р Ферид Мухиќ и д-р Ивица Џепароски.
Публицитет. мк