Новинарката Невена Поповска од неделникот „Република“ со задоволство деновиве прифати да направи свој избор на автори и книги кои ќе ги препорача во нашата рубрика „Во потрага по трајната убавина“.
Пред да преминете на читање на предлозите, би сакале да ви соопштиме дека колешката Поповска во новинарските кругови важи за одличен познавач на културата во Македонија и на приликите во неа,а често токму писателската фела и новите наслови од литература се во фокусот на нејзиниот интерес.
Невена Поповска
1. Романиот на Дамир Каракаш „Сјајно место за несреќа“, кој кај нас го објави издавачката куќа „Македонска реч“, нуди поинаков и помрачен поглед на Париз од оној романтичниот каков што туристите обично го доживуваат. Каракаш преку приказната за афирмираниот писател од Хрватска кој во Париз својот нов роман неуспешно им го нуди на издавачите, додека паралелно се издржува цртајќи им на туристите карикатури, ја дава токму таквата визура на градот кој за емигрантот навистина станува „сјајно место за несреќа“.
-Париз го гледаме сосема поинаку кога ќе го посетиме на десеттина дена со љубовникот, љубовницата, децата, жената…Тогаш запознаваме еден сосема совршен град, кој е поинаков кога живееш во него, а притоа доаѓаш од исток. Тогаш градот се претвора во преубав цвет кој за час те проголтува и ти остануваат само чевлите. Во мојот роман Париз е град на светлината, но во светот на моите јунаци таа светлина не свети премногу, вели Каракаш.
Тој ја разбива идиличната слика на романтичниот Париз и открива еден цел паралелен свет на париското подземје и на емигрантите во борбата за гол живот.
2. Во „Летни лаги“ , што кај нас ја објави издавачката куќа „Или-или“, Бернхард Шлинк го слика современиот свет кој е сведен на површни и не многу лични односи, дури и меѓу луѓето кои би можеле и би требало да бидат блиски. Јунаците на Шлинковите приказни се луѓе кои длабоко во себе го преживуваат светот, но кои своите чувства ги запираат и ги задржуваат во себе. Иако опкружени со пријатели и луѓе кои ги сакаат тие се секогаш сами. Секоја од тие приказни претставува мала драма, а летото е сцената на која се случуваат настаните. За некои од јунаците тоа лето е почетната станица, а за некои последна во животниот пат. Она што ги придвижува нивните драми не се нивните бели лаги кои едни на други си ги соопштуваат, туку она што не си го велат, она за што молчат.
Шлинк пишува со едноставен речник и кажува многу животни вистини: „Човекот мора да биде среќен за да може да ги направи другите среќни. Мора убаво да живее за да може да им помогне на другите и тие убаво да живеат и да се радува на тоа“.
3. Алек Попов, романот „Мисија Лондон“, според кој е снимен и филмот, го напишал по своето враќање од Лондон, каде што работел како аташе за култура во бугарската амбасада. Романот, кој кај нас го објави „Детска радост“, почнува со доаѓањето на новиот бугарски дипломат во Лондон. За да се оддолжи за доверениот мандат, прва задача на дипломатот е организирање на концерт на Деворина Селјанова, сопруга на влијателен бугарски политичар… Неговиот сатиричен увид во дипломатските кругови се оценува како една од најсмешните книги за транзицијата.
-Читателите во Европа делат заедничко наследство и ги разбираат повеќето заеднички културни кодови, вели авторот. Поради тоа сум алергичен на ситуациите кога ќе почне да се расправа за мултикултурна Европа. Што значи тоа? Мултијазична не е исто што и мултикултурна. Читателите на моите книги од различни земји често се смеат на истите страници, но не секогаш. На пример, читателите во Англија не ги разбираат сите нијанси на иронијата инспирирани од посткомунистичката стварност. Да бидам искрен не ги влечев читателите за ракав да го дознам ова, но знам дека моите преведувачи на англиски јазик имаа проблеми со некои делови од книгата, вели Попов.
Публицитет.мк