Повод за разговор е Никола Апостоловски кој ја игра главната улога во најновата театарска продукција „Последниот Македонец“ од Австралиско македонскиот театар од Сиднеј што премиерно ќе се прикаже во Волонгонг во сабота 17 ноември во 19 часот во просториите на Македонскиот културниот центар до самата црква Св Димитрија Солунски.
Ќе следат уште пет престави во Волонгонг и Сиднеј. Драмата е од познатиот и наградуван драмски писател Душан Ристевски, а во режија на интернационално признатиот и наградуван режисер Стефо Нанцу.
Никола, во Театарот веќе си заангажиран неколку години. Повеќе пати се пишувало за твоите извонредно одиграни улоги во „Раскол“, „Остави ја свеќата да гори“, „Борење со мечка“, „Доктор Жими Мајка“,„Куферот“, „Сонце мое“. Кој карактер и во која драма мислиш најповеќе ти лежеше на душата?
Најпрво да ти се заблагодарам на поканата а истовремено би сакал да ти ја честитам наградата за општествена доброволна работа во регионот Свети Ѓорѓи (Сиднеј) доделена од Премиерката на Нов Јужен Велс, Гладис Береџемијан и Парламентарецот Марк Коре.
Во Автралиско – Македонскиот Театар од Сиднеј сум член од 2000- та година, и од тогаш па наваму, директно како актер во драмските дела или индиректно како технички продуцент имам учествувано во сите продукции на овој реномиран театар. Театар кој што е наградуван многу пати, како во Австралија (НЈВ), така и од Македонија за ширење на македонскиот јазик и култура.
За моите карактери во драмските дела сум се изјаснил повеке пати. Како актер можам слободно да кажам дека сите улоги ми се многу мили и тешко е да се определам за еден лик. Но бидејки инсистирате, би рекол карактерот на Трпе во “Борење со мечка” е еден кој ми остави најсилен впечаток, карактер кој беше многу комплексен, лик трауматизиран со болест, неразбран од фамилијата и пријателите. Човек, кој прави се што е во негова сила за доброто на синот и сопругата, за на крај да умре и подлегне на болеста (рак) сам, во болницата оставен од сите.
Сега ти се довери главната улога на Филип во „Последниот Македонец“. Како се чувствуваш да го играш овој лик?
Би сакал да им се заблагодарам на Стево Нанцоу и Душан Ристевски што имаа доверба во мене за да го претставам ликот на Филип во ова за нас како театар најголемо дело.
Инаку чувството после добивањето на ликот на Филип е одлично но истовремено страшно, бидејќи ова е грандиозен проект каков што досега не сме прикажале. Одлично, бидејќи играм улога во која на некој начин и јас самиот се играм, со болката и со страдањата на македонскиот народ, делејќи ги истите чувства, болки и стремежи со сите наши Македонци. Страшно, бидејќи очекувањата од сите нас, а посебно од нашиот режисер се на многу високо ниво, ова грандиозно дело “Последниот Македонец” да го претставиме во вистинско светло како што овој текст заслужува да се прикаже и претстави.
Што е тоа што Филип ќе му пренесе на Македонците, кога во овој момент македонската нација е на распетие?
Да се биде силен, единствен, достоинсвен, упорен и никогаш да не се откажеме од нашето минато, сегашност и иднина. Ние сме Македонци по род и никој нема право ниту има сила да ни го земе тоа ако ние самите не им го дадеме! Ниту една власт, личност или надворешно влијание не смее да ни се меша, сменува историја, име и да ни диктира кои сме и што сме. Ние сме Македонци! Оваа е главната порака на Филип, но истовремено и моја лична порака до сите Македонци, каде и да сме.
Изгледа дека Филип како карактер ние сите го чувствуваме – што би им препорачал на Македонците?
Да престанат со делби, кавги, расправии и бесмислени обвинувања едни кон други. Ние сме сите браќа и сестри на ова парче слободна земја Македонија. Дијаспората е продолжена рака на нашата татковина, и носечки столб на Македонската култура и јазик насекаде низ светот. Овде има една прекрасна реплика на Филип кон сите нас и би сакал сите да се помислиме на неа “Доста! Доста! Доста со делби! Ќе бидеме силни САМО ако сме заедно”!
Никола, честитки до целиот тим на Македонскиот тератар од Сиднеј и не само што е важно да се види туку и мора да се види оваа драма – долгот наш е да опстоиме како нација и да им го пренесеме нашиот јазик и култура на идните генерации.
Иван Трпоски од Сиднеј, за Публицитет.мк