Редоследот на неговите активности секако може да биде изменет.
Се’ зависи од неговото слободно време и како кај секој човек потрагата по неопходната егзистенција и се“ друго што носи животот со себе.
Никола Павлески го знаат како еден од кајчарите со кого најубаво ви минува времето кога сакате за миг да заминете во откинатото парче од Рајот – изворите кај Свети Наум.
Со клик на линкот слушнете го во целост интервјуто со фотографот Никола Павлески
-Им раскажувам на гостите, понекогаш им пеам и оттаму излегоа анегдотите од книгата „Веселото кајче“ . Забележав уште 25 анегдоти кои кои се случија во тој микро простор и следува второто издание на оваа збирка. Промоцијата заедно со моја изложба ќе се случи летово на петтото јубилејно издание на културно – забавната манифестација „На зајдисонце “ во Трпејца. Тоа е моето родно село во кое живеам паралелно на релацијата Охрид – Трпејца – Св. Наум, вели Павлески во интервјуто за „Публицитет.мк“
Тој ни откри дека цел месец бил во Република Чешка и дека во градот Мелник на покана на туристи кои ги запознал во Св. Наум имал неколкудневна изложба на свои уметнички фотографии на тема „Македонија“.
„Публицитет.мк“ ексклузивно ви предава фотографии од неговото претставување во Чешка,и неколку од големиот број негови фотографии создадени на лице место, како и еден од неговите нови раскази.
Споредба со Венеција
Споредба. Интересен збор. Ни служи за да можеме полесно да го искажеме значењето, вредноста, големината, убавината на некои предмети, настани во споредба со други. Или дури многу често помеѓу истите, но доживеани во друго време и на сосема подруг начин. И во моето кајче гостите правеа споредби најчесто поврзани со изворите и начинот на кој ја вршам својата работа.
-Местово ме потсетува на….
-Ваква чиста вода сум видел само уште во….
-Исто како да сум…
Понекогаш го споредуваа и со места со кои барем според мое мислење и не би требало- на пример Венеција. Некој ќе праша зошто го велам тоа. Јас лично до сега не сум ја посетил но има работи кои едноставно не можат и не треба да се споредуваат.
На пример:
Овде водата е чиста и може слободно да се пие. Во Венеција сосема спротивно на тоа.
Ова место е споменик на природата без деградација од човекот, барем засега. Венеција е резултат на облагородување на просторот од страна на човекот…
Понекогаш се случуваше и да ме пофалат ( можеби заслужено, можеби од куртоазија).
Секако на секого му годи кога ќе добие некој комплимент, само добро е да не се претера, посебно ако со таа личност се среќавате прв пат и воопшто не ја познавате.
-Никола, твојот пристап кон работата многу ме изненади! Ме радува што некој и кај нас во Македонија се труди гостинот да се чувствува добредојден! За кратко време ми даде доста информации за местово, кажа по некоја шега (во меѓувреме и некој комплимент), дури и песна ми запеа! Не знам, можеби имав лоша среќа во Венеција, но гондолерот со кој се возев не можам ни да помислам да го споредувам со тебе!
Ова кој како сака може да го сфати, но сепак се зборови искажани од една наша гостинка во моето кајче .
Една таква споредба помогна да се збогати оваа мала збирка на згоди и незгоди.
Имав гости од нашиот главен град кои биле во можност да пропатуваат низ многу држави, да посетат многу места, и секако благодарение на тоа да можат да прават и споредби каде како било, што било подобро, а што полошо…
Во еден момент една од гостинките рече:
-Исто како да се возам во Венеција со гондола, само што таму гондолерот ми пееше!
Повеќе пати имам речено дека понекогаш е подобро човек да се направи дека не слушнал, отколку да одговори, но сепак…сепак понекогаш едноставно тоа не е можно.
Од многу претходни гости имав слушнато колку е скапо да се вози со гондола, по каналите во Венеција, и за да се пошегувам прашав колку платила за тоа задоволство.
-За дваесетина минути плативме 100 евра! –одговори госпоѓата.
-Е драга моја, ако ми платите 100 евра јас ќе ви пеам цел ден, од утро до мрак! –реков, но само секунда или две подоцна го слушнав коментарот на нејзината пријателка.
– А можеби и би продолжил!
Публицитет.мк