Отсекогаш сум бил директен и овој пат ќе бидам.А да се обратам ме поттикна една вест која што ја прочитав на некој портал дека “село Лешани цел месец немало вода “, напиша на социјалната мрежа фејсбук Зоран Ногачески, градоначалник на општина Дебрца.
-Потполно ја разбирам загриженоста на жителите на Лешани, макар што далеку од вистината е дека цел месец континуирано немало вода.
Да, проблеми со водоснабдувањето летово имаме, и не само во Лешани, туку речиси во сите села, па дури и во оние каде што во изминативе години не сме имале проблеми, како и во оние каде што не стопанисува Јавното претпријатие.
Не бегаме од одговорност, меѓутоа колку и да не го прифаќате фактот, сепак тоа е факт, а тоа е дека проблемите со недостиг на вода првенствено се од две основни причини:
-нерационално трошење на водата, наместо за пиење, за наводнување и
-енормно намалената издашност на изворите.
Ова најодговорно го тврдам, бидејќи за среќа оваа година немавме дефект на ниту еден од системите за водоснабдување.
Знам, проблемот треба да се решава. Решението треба да се бара во изнаоѓање на дополнителни извори на вода.
Како пример, во село Белчишта, во местноста “Кременатец” постои најиздашниот извор на вода, но некој со своето неодговорно управување со општината и јавното претпријатие, кога се изградил водоводот од Караорман ( и овој систем е граден со многу аномалии ), дозволил овој извор да се запусти. Пред два дена лично бев кај изворот, издашноста на изворот и во најсушниот период е извонредна, ама состојбата со пумпната станица е очајна. Пумпите украдени пред многу години, трафостаницата украдена, електродистрибутивната мрежа до пумпната станица украдена, уништен извонреден систем за водоснабдување.
Прекупотребната вода наместо во системот неповратно оди во река Сатеска.
И никој за тоа не реагирал, ниту понесол одговорност.
Јавно ветувам, дека системот ќе биде обновен и вратен во функција.
И за селата кои се водоснабдуваат од бушотините кај “Св.Еразмо” ќе преземеме активности за подобрување на водоснабдувањето, со нови бушотини и соодветни измени во системите за водоснабдување.
Сепак, и колку нови количини на вода да зафатиме, пак ќе бидат малку, ако сите ние неодговорно се однесуваме кон водата, која за жал, поради климатските промени од година во година се помалку (ќе) ја има.
П.С. Сликите се направени кај изворот “Кременатец”.
Фејсбук статус од официјалната страница на градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.