Најмалку 60 лица загинаа, а има голем број повредени во серија експлозии и терористички напади на седум локации во центарот на Париз доцна вечерва, јавуваат светските агенции.
Експлозиите се случиле во ресторан во 10-тиот арондисман и во близина на парискиот стадион каде што се одвивал пријателски фудбалски натпревар помеѓу Франција и Германија.
Има извештаи дека има и стотина заложници во концертна сала.
На натпреварот бил и францускиот претседател Франсоа Оланд кој веднаш бил евакуиран од безбедносните служби.
Француските медиуми јавуваат дека Оланд прогласил вонредна состојба и ги затворил границите.
Настаните укажуваат дека станува збор за поврзани напади.
Засега никој не ја презел одговорноста за нападите.
Изјави со осуди на нападите пристигнуваат од државници од целиот свет.
Ова е втор напад во Франција годинава. На седми јануари исламисти упаднаа во сатиричниот весник „Шарли ебдо“, при што убија 12 новинари и уредници поради карикатурите со кои се исмејува пророкот Мухамед и исламот. Неколку дена подоцна, во потрага по напаѓачите загинаа уште осум лица, а меѓу нив беа и тројцата напаѓачи, кои во бакалница држеа десеттина заложници.
Извор: meta.mk