• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
недела, јуни 29, 2025
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Во потрага по трајната убавина

Нови факти за преродбеникот Кузман Шапкарев (Охрид, 1 февруари 1834 – Софија, 18 март 1909)

март 20, 2019
in Во потрага по трајната убавина
Нови факти за преродбеникот  Кузман Шапкарев (Охрид, 1 февруари 1834 – Софија, 18 март 1909)

 Во рамките на одбележувањето на двојниот јубилеј -185 години од раѓањето и 110 години од смртта на Кузман Шапкарев, што го организираа Општина Охрид и НУ Библиотека „ Григор Прличев“ , во понеделникот  за новите факти за животот и делото на познатиот македонски преродбеник, охриѓанецот Кузман Шапкарев, зборуваа професорката Татјана Дурнева и проф. д-р Томе Груевски.

СОБИРАЧКАТА ДЕЈНОСТ НА КУЗМАН ШАПКАРЕВ

         НАРОДНАТА КНИЖЕВНОСТ КАЈ МАКЕДОНЦИТЕ ИМА СВОИ ДАЛЕЧНИ И ДЛАБОКИ КОРЕНИ ВО ДУШАТА НА НАШИОТ НАРОД , СО ВЕКОВИ И ВЕКОВИ ПРЕД НАШЕТО ВРЕМЕ. НАСТАНАТА НА СЕДЕНКИ , НА ОРО , ПО НИВИТЕ , РАБОТЕЈЌИ ПО ПОЛИЊАТА , ПО ПЛАНИНИТЕ , ВАРДЕЈЌИ ГИ ОВЦИТЕ , ПО ЗАНАЕТЧИСКИТЕ ДУЌАНИ , ВО ДОМОВИТЕ И СЕКАДЕ КАДЕ НЕШТО СЕ СЛУЧУВАЛО , КАКО ПОЕЗИЈА ИЛИ ПРОЗА , СВЕДОЧИ ЗА ВРЕМЕТО , ЗА СРЕДИНАТА , ЗА ЖИВОТОТ , ЗА ОБИЧАИТЕ , ТРАДИЦИЈАТА , ЗА ОНА ШТО ГО ПРАВИ ЖИВОТОТ НА ЧОВЕКОТ . НО , ПОСТОЕЛА ОПАСНОСТ ОД НЕЈЗИНО ЗАБОРАВАЊЕ , ДОДЕКА НЕ СЕ НАШЛЕ ЛУЃЕ КОИ ПОЧНАЛЕ ДА ГИ ЗАПИШУВААТ НАРОДНИТЕ ТВОРБИ И ДА ГИ СОЧУВААТ ОД ЗАБОРАВ , ДА ГИ ОСТАВАТ КАКО ТРАЈНО СВЕДОШТВО НА ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ.

       ПРВИТЕ ЗАПИШАНИ НАШИ НАРОДНИ УМОТВОРБИ ДАТИРААТ ОД 14 ВЕК , НО ПЕРИОДОТ НА РОМАНТИЗМОТ И КУЛТУРНАТА ПРЕРОДБА ВО МАКЕДОНИЈА , ВО 19 ВЕК , Е ПЕРИОД НА НАЈГОЛЕМА АНГАЖИРАНОСТ НА НАШИТЕ КУЛТУРНИ РАБОТНИЦИ ВО СОБИРАЊЕТО И ОБЈАВУВАЊЕТО НА НАШЕТО НАРОДНО ТВОРЕШТВО . ВРЕДНИОТ СОБИРАЧ НА МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ УМОТВОРБИ , КУЗМАН ШАПКАРЕВ , УШТЕ ВО 1861 ГОДИНА , ОД ОХРИД МУ ИСПРАТИЛ НА ПОЗНАТИОТ БУГАРСКИ ПИСАТЕЛ ГЕОРГИ РАКОВСКИ , ЕДИНАЕСЕТ НАРОДНИ ПЕСНИ ОД ОХРИД . ВО ПРОПРАТНОТО ПИСМО ПИШУВА ДЕКА ИМА СОБРАНО ПОВЕЌЕ ОД СТОТИНА ПЕСНИ КОИ САКА ДА ГИ ПЕЧАТИ , НО НЕМА СРЕДСТВА , ОБЈАСНУВАЈЌИ ДЕКА СЕ РАБОТИ ЗА НАЈРАЗНОВИДНИ ПЕСНИ ПРЕТЕЖНО ОД ОХРИД . ПОДОЦНА , НЕГОВАТА СОБИРАЧКА АКТИВНОСТ СЕ ПРОШИРУВА И ВО ПРИЛЕП , КУКУШ И СЕКАДЕ КАДЕ ШТО ИМАЛ МОЖНОСТ . СОБИРАЧКАТА ЖЕЛБА КАЈ НЕГО СЕ РАЗВИЛА ПОД ВЛИЈАНИЕ НА ВУЈКО МУ ЈАНАКИ СТРЕЗОВ , КАКО И ЗБОРНИКОТ НА СТЕФАН ВЕРКОВИЌ , ЗБОРНИКОТ НА МИЛАДИНОВЦИ КАКО И ПОДОЦНЕЖНАТА РОДНИНСКА ВРСКА СО ДИМИТАР МИЛАДИНОВ.

     КУЗМАН ШАПКАРЕВ , КОЈ ДОЛГО ВРЕМЕ СЕ ВИКАЛ КОЗМА ПАСКАЛЕВ , Е РОДЕН НА 1 ФЕВРУАРИ 1834 ГОДИНА ВО ОХРИД , ВО СИРОМАШНО СЕМЕЈСТВО . ОСНОВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ ГО СТЕКНАЛ ВО РОДНИОТ ОХРИД , КАЈ ВУЈКА СИ ЈАНАКИЕ СТРЕЗОВ . ЗАЕДНО СО НЕГО РАБОТЕЛ КАКО УЧИТЕЛ ВО ОХРИД , А БИЛ УЧИТЕЛ И ВО СТРУГА И ВО ПРИЛЕП . ОНЕВОЗМОЖЕН ДА ЈА ВРШИ СВОЈАТА ПРОСВЕТИТЕЛСКА ДЕЈНОСТ ВО РОДНИОТ КРАЈ , ЗАМИНАЛ ВО БЕЛГРАД , ПОТОА ВО СОЛУН И КУКУШ , ОТКАДЕ ЗАМИНАЛ ВО БУГАРИЈА . ПРЕМЕСТУВАН СО СЛУЖБА ОД ЕДНО ВО ДРУГО МЕСТО , ПОСВЕТЕН БИЛ И НА ДЕЈНОСТА СО КОЈА СТАНУВА ЕДЕН ОД НАЈИСТАКНАТИТЕ СОБИРАЧИ И ИЗДАВАЧИ НА НАШЕТО НАРОДНО ТВОРЕШТВО . ПОЧИНАЛ ВО СОФИЈА , НА 18 МАРТ 1909 ГОДИНА .

 

KUZMAN 11

     ПОСТОЈАТ ПОВЕЌЕ ПОДАТОЦИ КОГА ВСУШНОСТ ШАПКАРЕВ ЗАПОЧНАЛ СО СОБИРАЧКА ДЕЈНОСТ,  НО ГОДИНАТА 1858 СЕ ЗЕМА КАКО ПРИБЛИЖНО НАЈПРИФАТЛИВ ПЕРИОД , СПОРЕД ЛИЧНА ИЗЈАВА НА ШАПКАРЕВ . ИНАКУ , СОБИРАЧКАТА ДЕЈНОСТ НА ШАПКАРЕВ ТРАЕЛА ОКОЛУ ТРИ ДЕЦЕНИИ . СОБИРАЛ НАЈМНОГУ МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ УМОТВОРБИ , НО И ОД ДРУГИТЕ БАЛКАНСКИ НАРОДИ-БУГАРСКИ , АЛБАНСКИ , ВЛАШКИ , ТУРСКИ.

      СОБИРАЈЌИ ГО И СИСТЕМАТИЗИРАЈЌИ ГО ОБЕМНИОТ МАТЕРИЈАЛ , ПО МНОГУ МАКИ И ОБИДИ , УСПЕАЛ ДА ГО ОТПЕЧАТИ ВО РЕЛАТИВНО КРАТКО ВРЕМЕ-ОСУМ КНИГИ ВО ТРИ ГОДИНИ : 1891 , 1892 И 1894 ГОДИНА ,СОЗДАВАЈЌИ ГО НЕГОВИОТ ЗБОРНИК ОД ПЕСНИ , ПРИКАЗНИ , ВЕРУВАЊА , ПОГОВОРКИ , ГАТАНКИ , ИГРИ , НАРОДНИ ОБИЧАИ И ОБЛЕКА . ШАПКАРЕВ ИЛИ НЕГОВИОТ ИЗДАВАЧ , ОД ЧИСТО ПРАКТИЧНИ , ТРГОВСКИ ПОБУДИ , ЗБОРНИКОТ ГО ИЗДАВАЛ ВО ПОВЕЌЕ ВАРИЈАНТИ – ИЗДАНИЈА , ТАКА ШТО ТОЈ СЕ СОСТОИ ОД : КНИГА I-ДВЕ ВАРИЈАНТИ , III – IV-СО ОДДЕЛНИ ИЗДАНИЈА ЗА СЕКОЈА КНИГА И ЕДНО ЗАЕДНИЧКО ИЗДАНИЕ ЗА ДВЕТЕ КНИГИ , V ,VI –СО ОДДЕЛНИ ИЗДАНИЈА ЗА КНИГА И ЗАЕДНИЧКО ИЗДАНИЕ ЗА ДВЕТЕ КНИГИ , VII,VIII,IX-СО ОДДЕЛНИ ИЗДАНИЈА ЗА КНИГА VIII I IX И ЗАЕДНИЧКО ИЗДАНИЕ НА КНИГИТЕ VIII I IX . КНИГАТА II НЕ Е ПЕЧАТЕНА . НЕ Е ПОЗНАТО ЗОШТО КНИГАТА II ОСТАНАЛА НАДВОР ОД ЗБОРНИКОТ , НО СПОРЕД ХАРАЛАМПИЕ ПОЛЕНАКОВИЌ , КАКО ВТОРА КНИГА БИ ТРЕБАЛО ДА СЕ СМЕТА КНИГАТА : ЗБОРНИК ОД НАРОДНИ СТАРИНИ , ПЕЧАТЕНА ВО ПЛОВДИВ ВО 1885 ГОДИНА . ПО СВОЈАТА СОДРЖИНА ТАА

ПРИПАЃА НА НЕГОВИОТ ГОЛЕМ ЗБОРНИК ОД НАРОДНИ УМОТВОРБИ И САМО НЕУМЕШНОСТА НА ШАПКАРЕВ Е ПРИЧИНА ШТО ОВАА КНИГА ОСТАНАЛА НАДВОР ОД ЗБОРНИКОТ . НО , СЕПАК , ОЧИГЛЕДНО Е ДЕКА ШАПКАРЕВ БИЛ ЗАПОЗНАТ И СО СОБИРАЧКАТА ДЕЈНОСТ НА ДРУГИТЕ СОБИРАЧИ НА МАКЕДОНСКОТО НАРОДНО ТВОРЕШТВО-МАКЕДОНЦИ И ПРИПАДНИЦИ НА ДРУГИ НАРОДИ , БИДЕЈЌИ ВО СВОЈОТ ГОЛЕМ ЗБОРНИК СКОРО ЗА СЕКОЈА ПЕСНА ШТО ЈА ПЕЧАТЕЛ , ВО ЗАБЕЛЕШКИТЕ УКАЖУВАЛ НА СЛИЧНА ВАРИЈАНТА КАЈ РАЗНИ СОБИРАЧИ НА ЈУЖНОСЛОВЕНСКИТЕ И МАКЕДОНСКИТЕ НАРОДНИ ПЕСНИ .

KUZMAN 5

       ВО ОХРИДСКИОТ МУЗЕЈ СЕ НАОЃААТ , МЕЃУ ДРУГИТЕ МАТЕРИЈАЛИ, И ДВЕ ПЕСНАРКИ СО НАРОДНИ ПЕСНИ ОД КУЗМАН ШАПКАРЕВ . ПОГОЛЕМ ДЕЛ ОД ПЕСНИТЕ ШТО ГИ СОДРЖАТ ОВИЕ ПЕСНАРКИ , ВЕЌЕ СЕ ОТПЕЧАТЕНИ ВО ГОЛЕМИОТ ЗБОРНИК НА ШАПКАРЕВ . ПЕСНИТЕ ШТО ГИ СОДРЖАТ ОВИЕ ДВЕ ПЕСНАРКИ ПРЕТСТАВУВААТ ИНТЕРЕСЕН МАТЕРИЈАЛ КАКО ВО ПОГЛЕД НА ПРОУЧУВАЊЕТО НА НАШАТА НАРОДНА ПЕСНА ,ТАКА И ВО ПОГЛЕД НА  НАЧИНОТ НА СОБИРАЧКАТА И ИЗДАВАЧКАТА РАБОТА НА ШАПКАРЕВ . ОВИЕ ДВЕ ПЕСНАРКИ ГО ПРИКАЖУВААТ ШАПКАРЕВ КАКО РЕДАКТОР , НО И КАКО СТИЛИЗАТОР НА НАРОДНИТЕ ПЕСНИ . ОД ОВИЕ ДВЕ ПЕСНАРКИ СЕ ЗАПОЗНАВАМЕ И СО НИЗА ПРАВОПИСНИ И ЈАЗИЧНИ ПРАШАЊА , КАКО НА НИВ ГЛЕДАЛ И ГИ ПРИМЕНУВАЛ ШАПКАРЕВ ЗА ВРЕМЕ НА БЕЛЕЖЕЊЕТО НА ПЕСНИТЕ , ОДНОСНО ЗА ВРЕМЕ НА ПЕЧАТЕЊЕТО НА ИСТИТЕ . ВО ОВОЈ ПОГЛЕД ИМА ЗНАТНИ ОТСТАПУВАЊА И ОД НАЧИНОТ КАКО ГИ БЕЛЕЖЕЛ И ОД ИЗЈАВИТЕ ШТО ГИ ДАВАЛ ВО КОРЕСПОНДЕНЦИЈАТА , ОДНОСНО ВО ПРЕДГОВОРОТ И БЕЛЕШКИТЕ КОН ЗБОРНИКОТ . СТИЛИЗАТОРСКАТА РАБОТА СЕ ЗАБЕЛЕЖУВА ВО ОДНОС НА ВОКАЛИТЕ , КОНСОНАНТИТЕ , ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ПОТРЕБЕН БРОЈ СЛОГОВИ , СО ДОПОЛНУВАЊЕ , СО УФРЛУВАЊЕ НА НЕКОИ ЗБОРОВИ , ЗАМЕНА НА ПОЕДИНИ ЗБОРОВИ , МЕНУВАЊЕ НА ЧЛЕНОТ , ИСПРАВАЊЕ НА НЕКОИ ОЧИГЛЕДНИ ГРЕШКИ ШТО НАСТАНАЛЕ ПОРАДИ БРЗОТО ПИШУВАЊЕ ИЛИ ПРЕПИШУВАЊЕ , ПРАВЕЛ ИЗМЕНИ ПРИ ДАВАЊЕТО НА ДИЈАЛЕКТНИТЕ ФОРМИ ОД ГЛАГОЛИТЕ И ДРУГО.

 

KUZMAN 10

          РЕДАКТОРСКИ И СТИЛИЗАТОРСКИ ЗАФАТИ НА ШАПКАРЕВ СЕ ЗАБЕЛЕЖУВААТ И ПРИ ИЗДАВАЊЕТО НА НАРОДНИТЕ ПРИКАЗНИ . ТУКА СТИЛИЗАТОРСКИТЕ ЗАФАТИ НА ШАПКАРЕВ ДОШЛЕ УШТЕ ПОЈАСНО ДО ИЗРАЗ , БИДЕЈЌИ ТОА ГО ОВОЗМОЖУВАЛ СЛОБОДНИОТ , ПРОЗНИОТ ТЕКСТ НА МАТЕРИЈАЛИТЕ . ТОА ДАВА МОЖНОСТ ШАПКАРЕВ ДА СЕ СОГЛЕДА И КАКО СТИЛИЗАТОР НА МАКЕДОНСКАТА НАРОДНА ПРИКАЗНА . СТИЛИЗАТОРСКАТА ПОСТАПКА НА ШАПКАРЕВ ВО НАРОДНАТА ПРИКАЗНА СЕ ОГЛЕДА ВО ПРЕРАБОТКАТА НА ОДДЕЛНИ РЕЧЕНИЦИ , СО ТОА ШТО ДАВА ОДДЕЛНИ ПРОШИРУВАЊА , МЕНУВАЊА НА ДЕТАЛИ , ДУРИ И ВМЕТНУВАЊЕ НА ЦЕЛИ НОВИ РЕЧЕНИЦИ . СО УФРЛАЊЕТО НА ПООДЕЛНИ ЗБОРОВИ , ШАПКАРЕВ УСПЕВА СЛИКАТА ДА ЈА НАПРАВИ ПОРЕЛЈЕФНА . ИМА ИНТЕРВЕНЦИИ И ВО ДАВАЊЕТО НА РЕДОТ НА ЗБОРОВИТЕ И ВО ОБЛИКОТ НА ГЛАГОЛОТ . СТИЛИЗАТОРСКАТА ПОСТАПКА СЕ СОГЛЕДУВА И ВО ГРИЖАТА ЗА ПРЕЧИСТУВАЊЕ НА ЈАЗИКОТ СО ШТО СЕ ПРИБЛИЖУВА ДО НАРОДНИОТ , МАКЕДОНСКИОТ ИЗРАЗ . ИЗВЕСНА ИНТЕРВЕНЦИЈА СЕ ЗАБЕЛЕЖУВА И ВО СТИЛИЗИРАЊЕ НА НАСЛОВИТЕ НА НАРОДНИТЕ ПРИКАЗНИ . ВО ВТОРОТО ИЗДАНИЕ НА НАРОДНИТЕ ПРИКАЗНИ ШАПКАРЕВ ИСПРАВИЛ ОДРЕДЕНИ НЕДОСТАТОЦИ ПО СУГЕСТИИТЕ НА ПРВОТО ИЗДАНИЕ , А СЕ ОДНЕСУВААТ НА ПОДАТОЦИ ЗА СОБИРАЧИТЕ , КАЖУВАЧИТЕ НА ПРИКАЗНИТЕ , ВРЕМЕТО НА ЗАПИШУВАЊЕ , ОЗНАЧУВАЊА НА МЕСТОТО ОД КАДЕ ШТО Е ЗАПИШАНА ОДНОСНАТА НАРОДНА ПРИКАЗНА . ВО СЛУЧАЈОВ НЕ СТАНУВА ЗБОР ЗА СТИЛИЗАТОРСКА ПОСТАПКА , НО Е КОРИСНО ЗБОГАТУВАЊЕ НА ВТОРОТО ИЗДАНИЕ . ВО ВТОРОТО ИЗДАНИЕ ИНТЕРВЕНЦИЈА СЕ ОГЛЕДА И ВО ПОСРЕДЕНАТА И ПОКОМПЛЕТНАТА ИНТЕРПУНКЦИЈА , СРЕДУВАЊЕ НА ТЕКСТОТ ВО НОВИ , ЛОГИЧНО ИЗДВОЈУВАНИ АЛИНЕИ , СО СРЕДУВАЊЕ НА ДИЈАЛОЗИТЕ . МЕЃУ ИНТЕРВЕНЦИИТЕ СЕ СРЕЌАВААТ И ОДРЕДЕНИ НЕДОСЛЕДНОСТИ ВО УПОТРЕБАТА НА РАЗНИТЕ ОБЛИЦИ НА ОДДЕЛНИ ЗБОРОВИ . ИНТЕРВЕНЦИИТЕ НА ШАПКАРЕВ ВО ВТОРОТО ИЗДАНИЕ СЕ ОДРАЗИЛЕ И ВО ЛЕКСИКАТА . ОДДЕЛНИ ЗБОРОВИ ОД ПРВОТО ИЗДАНИЕ СЕ ЗАМЕНЕТИ СО НОВИ И ТОА ДОВЕДУВА ДО ЛЕКСИЧКО ЗБОГАТУВАЊЕ.

         ОВА Е САМО СКРОМЕН ПРИКАЗ НА ЗНАЧАЈНИОТ МАКЕДОНСКИ ПРЕРОДБЕНИК , ИСТАКНАТ ФОЛКЛОРИСТ , ПУБЛИЦИСТ И УЧЕБНИКАР , ГЛЕДАНО ОД АСПЕКТ НА НЕГОВАТА ДЕЈНОСТ ВО ЗАЧУВУВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКАТА УСНА ТРАДИЦИЈА , ПРЕКУ СОБИРАЊЕ , ПРОУЧУВАЊЕ И ИЗДАВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ НАРОДНИ УМОТВОРБИ . СО СИТЕ СВОИ АКТИВНОСТИ,ШАПКАРЕВ СПАЃА МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ ПОЗНАВАЧИ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД И МАКЕДОНСКОТО НАРОДНО ТВОРЕШТВО ВО МИНАТОТО И НА СВОЈ НАЧИН Е ЗАМЕШАН И ВО ПОЧЕТОЦИТЕ НА МАКЕДОНИЗМОТ.

         

                                                                                                                                                                                                                     Автор:  ПРОФ . ТАТЈАНА ДУРНЕВА

 

СВЕЧЕН СОБИР ВО ОПШТИНА ОХРИД

18 МАРТ 2019 ВО 12 ЧАСОТ

110 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА КУЗМАН А. ШАПКАРЕВ

ЗАЧЕТНИКОТ НА МАКЕДОНИЗМОТ

Пишува: проф д-р Томе Груевски

Кузман Шапкарев (Охрид, 1 февруари 1834 – Софија, 18 март 1909) значајна личност во историјата на македонското преродбенско движење од втората половина на 19 век. Тој е познат учебникар, општественик, публицист и полемичар кој објавил полемики во печатот и периодиката од неговото време. Познат е како автор на повеќе статии: фолклористички материјали, етнографски, историски описи и прилози за црковно-преродбенското дело во Македонија и бројни дописки во весниците. Во текот на својот живот објавил повеќе книги: неколку македонски учебници, девет книги со фолклорен материјал, и други книги и статии со разновиден материјал: Зборникот на народни умотворби во три тома кој содржи 1300 народни песни, 280 приказни, потоа Биографијата на Браќата Миладиновци, етнографски описи на Македонија, описи на народни обичаи и облека и носии, прашања на школската историја на повеќе градови на Македонија, на неколку биографии и др).

 

KUZMAN 12

Журналистичката дејност на Кузман А. Шапкарев

Говорејќи за неговата журналистичка дејност ќе истакнеме дека Кузман Шапкарев бил соработник на „Дунавски лебед“, Белград (1860 – 1861) потоа во цариградските весници: „Македонија“ (1866-1872), „Право“ (1869-1877) и во списанието „Читалиште“ (1870-1875),  в. „Марица“, Пловдив (1880), потоа на „С’ветник“, „Б’лгарска пчела“, „Гајда“, „Турција“, „Периодическое списание“, „Б’лгарски глас“, „Зорница“ и во други весници на Кнежевството Бугарија. Објавувал „секогаш, речиси анонимно, како што самиот истакнува.

Со своите журналистички текстови по нивната бројност и значење Шапкарев е на рангот на Рајко Жинзифов и Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Припаѓа на генерацијата на Константин и Димитар Миладинов, Партенија Зографски, Григор Прличев, Ѓорѓија Пулески, Марко Цепенков, Рајко Жинзифов, Јордан Хаџи Консантинов, Ѓорче Петров и други наши преродбеници и дејци во духовно – политичкото ослободување на својот народ. Тој спаѓа меѓу најдобрите познавачи на македонскиот народ и неговата истирија во минатото, заедно со Марко Цепенков и Ѓорче Петров. Тој е зачетник на македонизмот.

Појавата и развојот на македонскиот печат и новинарство

Појавата на македонскиот печат и новинарство во втората половина на XIX век е одраз на долготрајната и тешка борба на нашиот народ за афирмација на својата национална индивидуалност што ја водел на сите фронтови на општествениот живот, заедно со изградбата на материјалната култура: цркви, манастири, фрески, резби и др. и духовна култура: јазикот, писменоста, фолклорот, етнографијата и др.

Со појавата на првите печатени дела на преродбениците Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ, Браќата Миладиновци, Партение Зографски и други, се појавува и првиот политички збор, првата дописка како потреба во оној бурен период да се изрази – макар и во една завиена форма – македонската индивидуална самобитност. И, кога прилепскиот учител Тодор Кусев во својата прва дописка по повод појавата на првиот број на весникот „Македонија“ во Цариград, ќе напиште дека не успеале вековните усилби да се погрчи македонскиот народ и да се „искорени сосема чувството Македонците да не бидат Македонци“, тој уште во најраниот период ја истакнал идејата која подоцна ќе стане основна теза на сите што ќе се занимаваат со печатот.

Македонското новинарство и македонскиот печат имаат богата, но необична историја. Новинарството никнува на македонска почва, од перото на македонските преродбеници кои, покрај своите секојдневни должности, се занимавале и со новинарство. Првите весници во кои се објавени нивните дописки биле објавувани во Цариград, Софија, Белград, Москва и во други градови надвор од Македонија. Македонските весници се појавиле на туѓа територија и на туѓ јазик.

Македонија има своја богата културна историја. Посебно историја на пишаниот збор. Оставајќи ја на страна онаа од периодот на создавањето на писменоста и на целиот средновековен период, од перото на веќе споменатите преродбеници и други просветни луѓе, во почетокот на XIX век ќе излезат книги на народен јазик кои биле читани по цела Македонија. Постојат податоци дека нашиот народ во недостиг на свои сопствени весници читал бугарски, српски, грчки, француски, англиски и др. Во дел од нив се појавуваат и дописки и други новинарски форми и од Македонија. Значи, се појавуваат услови за појава на нов вид културна дејност – новинарството.

Бројот на весниците во кои се јавувале најмногу дописници со свои дописки од Македонија е голем. Соработката на интелектуалниот дел на Македонците во периодот на Преродбата и подоцна низ целата наша историја сè до појавата на првиот дневен весник „Нова Македонија” во 1944 година најмногу се одвивала во странски весници. Главно тие текстови ги среќаваме во „Цариградски весник”, „Македонија”, „Право“, „Турција“, „Б’лгарија“, „Леван тајмс“, „Напредок“, „Ден“ и др.  Едни од поважните списанија од овој период во кои се јавувале и Македонци се: „Б’лгарски книжици“ (1858-1861) излегувале во Цариград. „Братски труд“ (1860-1862) на Рајко Жинзифов излегувал во Москва и „Читалиште“ (1870-1875) излегувало во Цариград. Тоа е првиот чекор во македонското новинарство што главно го прават познатите преродбеници на Македонија.

Проучувањето на целото ова богатство неминовно водеше кон заклучок дека сите преродбеници, покрај своите редовни секојдневни должности (свештеници, учители и др.), се занимавале и со новинарство. Една подлабока анализа, пак, би ни покажала дека сè она што тие го пишувале во весниците било истакнување на: индивидуалните специфичности на својот народ (јазикот, фолклорот, етнографијато, географијата и сл.), поради што биле критикувани од бугарските општественици како сепаратисти и разбивачи на „бугарското единство“. Во овој фонд од разни новинарски написи од овој период влегуваат и оние дописки на стотиците други дописници од Македонија со што се надополнува сликата за почетоците на нашето новинарство. Значи, на општото движење на културното будење на македонскиот народ, се развива и надоврзува и новинарството не само како негов дел, туку и како фактор кој понатаму ќе го поттикнува и квалитетно ќе го менува карактерот на тоа движење – од културно во политичко.

До 1885 година Македонците немале свој весници. Затоа еден од бугарските весници – „Македонија“ чиј уредник бил Петко Славејков е основан во Цариград, единствено со цел да ѝ биде посветен на Македонија, т.е. во него да се докажува дека Македонија е бугарска. Меѓутоа, не само овој весник, туку и другите од тој период па дури и оние што излегувале во Романија, посебно внимание и посветуваат на Македонија. Покрај другите форми овие весници ја користеле, или подобро речено, ја злоупотребувале соработката на Македонците од кои се барало во написите да го нагласуваат „бугарството“.

 

KUZMAN 9

Журналистичката дејност на К. Шапкарев

Журналистичката дејност на К. Шапкарев е во зависност од неговата работа на полето на издавањето и ширењето на учебници на македонски јазик. Оставил повеќе учебници, служејќи се со грчките примери, поради што кај бугарските општественици и филозофи предизвикал остра критика и реагирање. Како што истакнува проф Блаже Конески, Шапкарев  во тој пoглед „е централна личност во македонското учебникарско дело“. Таквата дејност на издавање и ширење на учебниците предизвикало полемика во која тој бил принуден да се брани, да одговара, да полемизира. Меѓутоа неговото остро перо не можело да мирува ни во миговите кога тој не водел такви јавни писмени расправи.

По Жинзифов и Јордан Хаџиконстантинов, Кузман Шапкарев е трет по ред по бројот на написите што имаат чисто журналистички карактер. Како што истакнува во неговите Записи, уште пред 1859 година почнал да објавува дописки во тогашните весници. Кога бил учител во Прилеп и Кукуш, станал редовен дописник на повеќе бугарски весници и периодични списанија, освен на в. „Бугарија“ кого го сметал, според програмата и неговата ориентација за непријател на „нашата народност и религија“. Посочените весници, како што вели, „ги посетував со своите дописки а особено весниците „Македонија“ и „Право“ секоја недела донесуваа по една моја дописка, објавена анонимно, под псевдоним или со мој сопствен потпис, според приликите. Списанието „Читалиште“ не сум го оставал сосема непосетено, во него имав неколку статии“ (Т. Тодоровски, Записи,1990:262).

Што содржат тие дописки

Меѓу нив има описи на градови, расправи за јазикот, полемики со охриѓани за состојбата во охридските училишта, како и една статија од чисто политиколошки карактер насловена како „Разумното отношение между правителствата и народите“. Најголема журналистичка и документаристичка вредност имаат неговите описи за градот Кукуш и околијата кои излегле во седум продолженија во весникот „Македонија“ во броевите 48, 51, 55, 61, 63 и 68 од 9 мај до 29 јули 1870 година. Шапкарев во тоа време бил учител во Кукуш и во слободните мигови грижливо собирал материјали за градот Кукуш и неговата околија; истражувал за тоа кога почнал и како се одвивал процесот на културната преродба во овој важен град на Македонија; кога и каде биле изградени цркви, училишта; со што се занимавало населението итн. Тој пренесувал еден поширок опис но со чисто новинарски средства и начин на кој Шапкарев дал една добро изработена слика за Кукуш и неговата околија во која се застапени и градовите Дојран, Гевгелија и др.

Меѓутоа, Кузман доживеал големи разочарувања при бројните обиди направени да најде поддршка и помош од надлежните бугарски власти за да ги напечати собраните фолклорни материјали од Македонија, кон кои се трупаа и материјали собирани во Бугарија. Бугарските власти се уште не можеа да му заборават за неговата дејност во Македонија каде што тој, со своите македонски учебници, ги попречувал бугарските кругови со своите бесплатни учебници да го шират бугарското влијание во Македонија.

Така во предговорот на својата книга „Наръчно Св. Благовествование“, објавена во Цариград во 1869 година Шапкарев говори за расположението што постоело кај македонскиот народ против воведувањето на бугарскиот јазик во Македонија, како и тоа дека некој во Македонија не само што не го разбирал и не го знаел бугарскиот јазик туку и не сакал да научи да чита на овој јазик. Како што тој вели: „Кај нас се разбира дека никој, од најмалиот до најголемиот, не знае да чита бугарски, та како би можело да се воведе лесно? Но полошо е тоа што меѓу нашите има и такви луѓе кои, освен што не знаат и не сакаат да се научат, ами уште, бидејќи од една страна убедени во тоа што нашле, а од друга пак, вршејќи влијание врз народот, но малку пречат и на другите, говорејќи им секакви изговори. Една од многуте нивни големи пречки е и следнава – оти црковниот бугарски јазик бил српски (!?) та не сме можеле да го разбираме (!) уште и од владата бил (?!) божем запрен (?!) А за денешното источнобугарско наречје – оти било „шопско“, а пак Шоп кај нас значи најпрост дебелоглавец, та велат: „Шопје ли ќе се чиниме?“

Во „Писмо пријателско“ од 30 ноември 1870 година објавено во „Право“ се говори како тој ја спречува употребата на бугарските учебници во Велес: „Еден учител, по име г. Шапкарев(иќ), кого што може да го познавате лично, дојде во училиштето да ме посети; истиот ден ми стигнаа и книшките што ми ги испративте преку г. Лазара П. X. Стојанов. Но штом ги виде, рече дека не требало да се продаваат во македонските училишта, бидејќи биле (на) бугарско наречје; ами да земеме од неговите книшки, зашто биле (на) македонско наречје. Но какви се неговите книги – едно мало дете да се смее. И покрај сето тоа, откако се противевме некое време, си отиде. Тогаш отишол кај старешините на нашиот град и им рекол „да ги запрат тие книшки да не се продаваат во училиштето“. И тие како прости, ми рекоа да ги вратиме нив, а на местото нивно ги донесоа неговите…“

За потребите на просветното дело, тој како учител и учебникар издал неколку учебни помагала. Тие учебници ги распространувал преку брат му Петар којшто отворил книжарница во Солун со име „Браќа П. А. К. Шапкареви“.

Во списанието „Читалиште“ К. Шапкарев ја објавил статијата „Учебните заведенија на кукушка и полјанска (всушност, дојранска) епархија“, во три продолженија, од 15 февруари до 10 мај 1871 година, во бр. 10, 13 и 15. Ја наведуваме и статијата „Град Прилеп и околноста му, молебните му и учебните му заведенија“, напечатена во ова списание во две продолженија. И тука Шапкарев дава драгоцени податоци за културниот живот и историјата на овие два града. Кога претстојувал во Белград, а особено од Солун кореспондирал со в. „Марица“. Од тој весник е и статијата „Преобразованијата во Македонија“, публикувана во в. „Марица“, год. III, бр. 177, Пловдив, 11 април 1880 г. Дописништвото му било најистакнато занимање, покрај учителското, во текот на цели десетици години, од 1859 па до 1884 година.

 

KUZAMN 6

За полемиките

Кузман Шапкарев е познат журналист по своите полемички текстови, исто како и Рајко Жинзифов со неговите статии објавувани во весниците во Москва. Ја наведуваме статијата „Јазикословие“ која била објавена во весникот „Македонија“ од Цариград во бр 63 од 3 јули 1870 година. Во неа Шапкарев полемизира за „општиот јазик“ и се изјаснува зошто по некои прашања не се согласува. Исто така од овој вид текстови се и оние во кои авторот ја критикува лошата состојба на охридските училишта и одговорите во врска со нападите врз него од страна на тогашните охридски првенци. Од овој вид текстови е интересна и статијата што ја објавил во весникот „Право“ во бр. 25 од 16 август 1871 година. Во неа Шапкарев полемизира за некои лични работи со Христо Узунов којшто во тоа време се наоѓал на должноста учител во Охрид. Во глава XIII од Записките, Шапкарев се присетува на неколку статии што биле објавени: „во в. „С’ветник“ од март 1862 година пишував за состојбата на бугарското училиште во Охрид и за неговото гонење од грчкиот владика Мелетија, под наслов: „Надгробно слово за бугарското Кошишко училиште во Охрид; една дописка од Солун во в. „Турција“ (март 1871) која речиси ме избави од затворот и од синџирите што ми висеа над главата. Во в. „Марица“ во текот на јануари или февруари 1882 пишував за состојбата на Македонија во тоа време, под наслов: „Новото Воскополе“, еден подлисник и други во истиот весник. Сите мои статии од 1884 година (од Цариград) беа полемички против грчките весници, особено против в. „Неологос“ („Нов збор“), а во заштита на нашите црковни работи“. Ваквата негова активност била забележана и од Ватрослав Јагиќ и г. Ламански.

Во весникот „Македонија“ во бр. 14 од 6 април 1871 година Шапкарев објавува статија која по многу нешта е различна од другите негови статии. Насловена е „Разумното отношение на правителствата и народите“. Суштината и е дека владите на секоја држава со својата политика треба да се раководат од интересите на своите народи. Ваквата мисла кај авторот се родила под влијание на настаните во Европа кадешто се водела борба за овој основен принцип на демократијата.

За дописките

Целокупниот фонд од дописки од македонските градови по својата содржина може да се подели на неколку области. Најчеста тема на дописките, како што веќе спомнавме, е борбата против погрчувањето која се водела, од една страна, од граѓаните, а од друга од црковните власти, главно свештениците кои секогаш биле спроводници на фанариотската политика. Во оваа смисла биле следени сите нивни акции кои се состоеле во разни интриги, клевети, лаги и слично пред турските власти за да не успеат, на пример, граѓаните да не донесат свој свештеник, да не подигнат своја црква, училиште и сл. Познато е дека во вакви интриги на еден погрчен владика, поради нивната народно корисна работа, настрадаа и Браќата Миладиновци. Исто така од такви интриги на прогрчените свештеници познатиот македонски преродбеник Георги Динков мина неколку месеци в затвор, а за малку не настрада и тој. Слични се примерите и со Григор Прличев, Џинот итн. Дописки од оваа област има речиси од секој град. Вакви проблеми, можеби не во таква форма, се јавуваат и во помалите места.

Голем број дописки се однесуваат на состојбата во училиштата и црквите. Од оваа област се сретнуваат дописки во врска со изградбата на училишта или цркви, основањето и работата на црковно-училишните општини, успехот на ученици и испитите на крајот на годината со соодветни свечености, прославата на основачите на словенската писмено – св.Кирил и Методиј и сл. Посебна област одразена во дописките претставува читалишното дело: основањето читалишта и нивната работа, основањето на други друштва и сл.

Една од областите за која почесто е пишувано претставува онаа во кој а се изнесуваат проблемите на стопанството, даноците, посебно состојбата на некои поважни гранки, како што се лозарството, тутунарството и др. Во врска со ова во дописките се изнесуваат тешкотиите што произлегуваат од големите намети, ангарии, разбојништва кои го осиромашувале населенцето.

Дописките во весниците од периодот на Преродбата на Македонија претставуваат хроника на едно време и услови кога нашиот народ стапувал на историската сцена. Во овој поглед тие претставуваат драгоцен материјал за обработка на разни аспекти на нашата историја.

 kuz 1

Во оваа прилика ќе ги споменеме и македонските преродбеници, учебникари и новиари кои работеле во времето а Шапкарев:

Димитар В. Македонски (Емболе – Калјарско, 1847 –  Цариград, 22.2.1898) е истакнат македонски преродбеник од втората половина на XIX век. Тој бил правник-адвокат, публицист, учебникар и просветител, а со неговата дејност оставил длабоки траги во културната историја на Македонија.

Венијамин Христов Мачуковски (Манчуково, 1842- Цариград, 1878) е уште еден претставник на македонската национална преродба. Тој бил учител, граматичар, журналист, собирач на народно творештво (палеографски, етнографски, географски и друг материјал) со што дал голем придонес во македонската културна историја.

За историјата на македонското новинарство Венијамин Мачуковски е значаен по тоа што бил уредник на два весника во Цариград. Бил уредник на весникот „Источно време“ од 1874 до 1877 година, а весникот „Цариград“ го редактирал само во 1877 година. Овој весник лично го основал В. Мачуковски.

Ѓорѓи Динков во историјата на македонското новинарство е познат по тоа што во цариградскиот печат објавил една статија: „Сведенија из македонските земји”. Пишувал на солунското наречје.

Првата жена новинар во Македонија

Славка Динкова (1850-1869) е првата жена новинар во Македонија. Таа е од семејството на Држиловци, сестра на Ѓорѓи Динката. Иако нејзиниот животен век е краток, името на Славка Динкова останува запишано во македонската културна историја како прва жена учителка и прва жена новинар во Македонија.

Своето образование го добила од нејзиниот брат кој ја научил на „словенското писмо“ и ја вдахновува за учителскиот позив.Таа имала завршено грчко училиште и, покрај грчкиот, добро владеела и француски јазик бидејќи завршила и француски колеџ. Така, под силното влијание и на својата мајка Велика Динкова (по потекло од Охрид) уште во 1860 година, Славка отворила училиште во една соба во татковиот дом. Училиштето работело кратко. Но со тоа не се исцрпува краткотрајната, но историска дејност на учителката Славка. Како управителка на училиштето, во 1867 година таа испраќа две благодарствени дописки во в. „Македонија”, а во февруари 1868 година со нејзин потпис се публикува и Отчетот за двегодишната работа на нејзиното училиште. Меѓутоа, тоа што ја прави прва жена новинар во Македонија, тоа се преработените прилози што ги печати во 1868 година во истиот весник под општ наслов: „Мненија врз девическото домаќинско воспитание”. Иако смртта ја спречила да го продолжи своето тукушто започнато народно дело, Славка, сепак, во досега познатата историја на новинарството и публицистиката на Македонија останува прва жена публицист.

Публицитет.мк 

 

Посетеност: 81
Share
Previous Post

В.д. градоначалникот Константин Георгиески ги посети спортските училишни игри

Next Post

По повод светскиот ден на поезијата „Напиши стих – купи кафе“

Next Post
По повод светскиот ден на поезијата „Напиши стих – купи кафе“

По повод светскиот ден на поезијата „Напиши стих – купи кафе“

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 81

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk