Холандскиот писател и новинар А. ден Долард (1901-1994), познат како голем вљубеник во Македонија и посебно во градот Охрид, и понатаму останува значаен камен-темелник на холандско- македонските пријателски односи. Иако од неговата смрт поминаа 22 години, тој со своето дело продолжува да инспирира нови врски и да ги зацврстува постоечките мостови на пријателство помеѓу Холандија и Македонија.
Денес во посета на охридскиот културно-информативен центар „Култура 365“ престојуваше Хенк ван Стиприан (Henk van Stipriaan), сопственик на антикварницата за книги Antiquariaat Luiscius од холандскиот град с`Хертохенбош (s`Hertogenbosch). Тој на Музејот на А. ден Долард кој дејствува во рамките на КИЦ „Култура 365“ му донесе 16 книги од холандскиот писател со што постоечката збирка на Музејот беше збогатена со ретки изданија.
Хенк ван Стиприан за прв пат во Охрид престојувал во 2015 година, а оваа е неговата втора посета. Уште при првата средба со Охрид бил воодушевен од културата и природата на Македонија, исто како и од љубезноста на локалното население.
– Посебно ме воодушеви големото почитување во Охрид кон А. ден Долард со чии книги јас како книжар го минав целиот мој работен век. Посебен впечаток ми остави музејската поставка во КИЦ „Култура 365“ и уште при првата посета решив да помогнам во збогатувањето на збирката. Еве, затоа доаѓам пак, сега со куфер полн со книги – изјави гостинот во разговорот со Мишо Јузмески, основачот на КИЦ „Култура 365“.
Истиот ден, во сосема одвоена посета, во КИЦ „Култура 365“ дојде и госпоѓата Али Клап (Alie Klap) од Хаузен (Huizen) која деновиве својот одмор го минува на брегот на Охридското Езеро заедно со својот сопруг.
– При посетата на Музејот видов дека недостига примерок од изданието на романот „Ориент Експрес“ коешто јас го понесов на одмор за читање, па решив да го подарам и да ја збогатам збирката со книги од нашиот писател – рече госпоѓата Клап.
Публицитет.мк