Во конкуренција од 49 автори за сет афоризми новинарот Витомир Долински од Струга деновиве ја доби втората награда на Првиот Интернационален фестивал на сатирата, хуморот и карикатурата „Јас Итар Пејо“.
Фестивалот е во организација на Институтот за култура и уметност при Меѓународниот славјански универзитет. Наградите на Долински ќе му биде врачена на свеченост што ќе се одржи во Битола на 27 октомври.
Во рубриката „Во потрага по трајната убавина“ ви ги предаваме афоризмите со кои Долински ја освои втората награда.
Витомир Долински
А Ф О Р И З М И
Прерано е за нашето историско Не. Никој ништо не не прашува.
Слободата на говорот и кај нас има иднина. Кој ќе преживее ќе раскажува.
Конечно можеме да снимиме филм за Самуил. Имаме довоно слепци.
Кога власта е глупава цути уметноста. Нејзе мора се убаво да и се нацрта.
Операцијата успешна, пациентот – Водач.
Во комунизмот одумре државата, во демократијата – се повампири.
Попусто чекаме светло на крајот од тунелот. Водачот нема доблест да се самозапали.
И јас сум за двојазичност. Не е убаво на ист јазик и да се плука и да се лиже.
Кај нас не може да се укине ропството. Робовите секогаш гласале против.
И во молкот сме поделени. Едните молчиме од страв, другите од срам.
По гласањето голтнете го пенкалото. Може да има крунски доказ дека сами сте си пресудиле.
Денес лесно ќе ги препознаеш празните луѓе. Се чувствуваат, некако, исполенто.
Живееме пред своето време. Подоброто утре го преспавме уште завчера.
Конечно, национално се помиривме. Така ни било пишано.
Без паника, ова не е тероризам. Едноставно, ни пукна филмот.
Публицитет.мк