Извадок од записите на Кузман Шапкарев на тема: Обичаи и верувања од Охрид и охридско…
1. Одење со леб. Кога некој оди на туѓина или си дојде оттамо, вечерта пред да тргне на пат или откако ќе си дојде, роднините одат кај него со вечера за испраќање или за добре дошол. Тамо вечераат заедно со него и со неговите домашни и разговараат. Тоа го викаат ходење с леб.
2. Тргнување на туѓина. Во денот, кога ќе тргне на пат, сите роднини се собираат кај него, јадат заедно и по ручекот го испраќаат до некаде (околу еден чад далеку од градот) со карта вино и со молитви за добар пат и добра печалба (касмет). Кога патникот излегува од куќната врата пред прагот му ставаат една стомничка со вода и над неа едно пресно кравајче. Тој, откако ќе се приближи до вратата, го зема најпрвин кравајчето и го става во пазувата за по пат, со десната нога ја клоцнува стомната со вода кон дворот на куќата. Лебот (кравајчето) значел да има добра печалба за време на престојот во туѓина, а истурањето на водата кон дворот – да си дојдел поскоро здрав у жив.
3. Правење нова куќа. Кога некој ќе направи нова куќа, роднините му одат со леб. Кога за прв пат ќе влезат во новата куќа да живеат претходно го канат енорискиот свештеник да освети вода и да го пороси новото живеалиште. По водосветенито, свештеникот запалува нов оган во ново огниште.
4. Запопување или брада пуштање. Кога некој ќе се запопи или просто од старост ќе пушти (остави) брада, кај него роднините одат со леб, носејќи му и дарови: марама, риза (кошула) или нешто слично.
Суеверија за патниците и туѓинците
1. Во вторник патници не тргнуваат на пат, зашто тој ден го мислат за црн ден, оттука и несреќен и веруваат дека кога ќе тргнат на пат во вторник задолжително ќе му се случи некое премреже, ќе му се случи некоја несреќа по патот.
2. Веруваат дека одејќи по патот не е добро да го пресретне некоја жена со празни стомни, која што оди да налее вода. Напротив корисно било да го пресретне ако стомните се полни.
3. Исто така, кога патниците одат на туѓина или сватови по невестата, не било добро да им го пресече патот било кој, т.е. да мине пред него на патот.
4. Кога некој тргнува на пат за туѓина, ако коњот пред излегување од вратата се посере во дворот, кажувало дека немало многу да задоцни на туѓина и ќе дојдел здрав и жив. Истото го веруваат и ако патникот си заборави нешто дома, и се враќа од некаде каде што му текнало да си го земе, и макар да не се врати, ако му текне на некое оддалечено растојание. Поради истата причина кога некој ќе тргне на пат штотуку малку се оддалечи од домашната врата, некоја од домашните жени или роднини, го вика од вратата на име со цел тој уште еднаш да се сврти кон куќата за да не останел на туѓина туку да се врател во родното место.
5. Преку целиот ден кога патникот ќе излезе за на туѓина дома никако не метат, а наместо метење ги тресат посланите черги или килими, уште и вратите ги оставаат отворени и софрата на која јадат не ја креваат до вечерта.
6. Страчка ако застане и страчи на некоја куќа значело дека домаќинот или кој и да е на туѓина скоро ќе си дојдел или од него писмо ќе пристигнело.
7. Исто и ако коњска мува застане на некого, веруваат дека тој ќе добиел од некого писмо или некакво известување од надвор.
8. Пирустија (железен триножник) без да има на него некој сад, не ја оставаат да стои врз огнот, зашто велат задоцнувале туѓинците да се вратат од туѓина.
9. Уште велат дека кога некој туѓинец ќе задоцнел многу време на туѓина за да се врати поскоро домашните вареле некое рало вети опинци.
Заб. Тоа денес не се случува туку само се раскажува.
10. Кога некој туѓинец (не странец туку човек што е на туѓина) задоцни многу години, тогаш родителите или домашните за да го доведеле поскоро му праќаат писмо со молба напишани со мастило, направено од мајкино и ќеркино млеко заедно, т.е. од млеко од мајка и ќерка кои во исто време имаат машки деца цицајчиња и веруваат дека тогаш веќе туѓинецот сигурно ќе си дојдел. (На тоа сум бил очевидец).
Од записите на Кузман Шапкарев
Извор: www.cooltura.mk