На јубилејното 90-то доделување на Оскарите во Лос Анџелес за најдобар филм е прогласен „Обликот на водата“, кој освои уште три признанија.
Фантастичната кино-бајка „Shape of Water- Обликот на водата“ беше наградена со вкупно четири Оскари. Делото на мексиканскиот режисер Гиљермо дел Торо ги освои трофеите за најдобар филм и за најдобра режија. Покрај тоа на „Обликот на водата“ му припаднаа и наградите за најдобра оригинална филмска музика и за продукциски дизајн.
И Оскарот оди за…
Два Оскарa во актерските категории завршија во рацете на актери во филмот „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“. 60-годишната Френсис Мекдорманд беше наградена за најдобра главна женска улога за нејзиниот портрет на борбената мајка по смртта на нејзината ќерка. Ова е нејзин втор Оскар, по оној во 1997 година за улогата во филмот „Фарго“.
Нејзиниот колега од филмот „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“, Сем Роквел го доби Оскарот за својата споредна улога на расистички полицаец во малиот американски град. Режисерот и автор Џордан Пил пак синоќа испиша оскаровска историја: тој имено стана првиот Афроамериканец кој го освоил Оскарот за најдобро оргинално сценарио за својата хорор-комедија „Излези“.
Британскиот актер Гери Олдман беше пак награден со Оскарот за најдобра главна машка улога за неговиот портрет на британскиот премиер Винстон Черчил во филмот „Најмрачниот час“. Оваа историска драма освои и Оскар во категоријата за шминка и фризура.
Оскарот за најдобра женска споредна улога го освои Алисон Џејни, која во биографската драма „Јас, Тоња“ , ја глуми амбициозната мајка на американската натпреварувачка во уметничко лизгање Тоња Хардинг.
Инаку водителот на церемонијата, американскиот комичар Џими Кимел во повеќе наврати со шеги и подбуцнувачки се осврна на актуелниот скандал за сексуално злоставување кој го потресува Холивуд.
Извор: www.dw.com