Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи денеска на прес-конференција ги презентираше првите две обвиненија на СЈО, едното за уништување документација поврзана со опремата од нелегалното прислушување, а второто за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година.
Иако Фетаи не го соопшти идентитетот на обвинетите, а не беа наведени ниту иницијали, сепак извесно е дека во второто, првообвинети се поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и ексминистерот за транспорот и врски, Миле Јанакиески. Ова произлегува од прислушуваниот разговор на кој се повика и обвинителката за време на презенттацијата на обвинението.
– Се работи за разговор од телефонска комуникација меѓу двајца припадници на извршната власт, кој е направен на 1 јуни 2013 година во 20.50 часот и трае 4 минути и 4 секунди. Разговорот е воден откако веќе била закажана седница на Советот на Општината Центар, на која како точки на дневен ред биле ставени запирања на неколку детални урбанистички планови, меѓу кои и оној за Мал Ринг. Првообвинетиот во месец јуни побарал, а второобвинетиот прифатил и преку трето, четврто и петтообвинетиот ги поттикнале членовите на партијата да извршат грубо насилство врз градоначалникот на Општина Центар и советниците во Општината од спротивниот политички табор – рече Фетаи, додавајќи дека мотивите за ова кај првообвинетиот се од лукративна природа, заради заштита на бизнис-интересите.
Извор: www.meta.mk