Во 2015 година се одбележаа седум децении од кодификацијата на македонската азбука и правопис. Потсетување на овој настан по повод вчерашниот Ден на сесловенските просветители, Кирил и Методиј
Македонската азбука е усвоена на 5 мај 1945 година, додека македонскиот современ правопис е озаконет на 7 јуни 1945 година. Во 1969 година излезе од печат „Правопис на македонскиот литературен јазик“ (без правописен речник) од Б. Видоески, Т. Димитровски, К. Конески, К. Тошев и Р. Угринова-Скаловска, подоцна печатен во 12 изданија со мали измени и дополнувања.
„Македонската јазична практика во 19. и во 20. век, од Константин Петкович, преку Мисирков до Комисијата за јазик формирана на Првото заседание на АСНОМ – 1944 г. покажува дека лингвистичките причини одеа во прилог на решенија во полза на фонолошкиот правопис, со цел да му дадат на македонскиот стандарден јазик македонска боја. Така, современата македонска азбука и современиот македонски правопис го издржаа испитот на времето и се насочени кон иднината. Секогаш има место за подобрувања на правописот, но нема место за менување на основите дадени од нашите претходници. Затоа, почит кон оние кои камен по камен, го изградија современиот македонски правопис и го направија ’македонски национален столб’“, вели за Дојче веле д-р Људмил Спасов од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје.
Секој современ јазик мора да се соочи со промените
„Го користиме моментот да го поврземе минатото со сегашноста, а да ја предвидиме иднината во однос на кодификацијата на современата македонска азбука и современиот македонски правопис“, вели директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура и декан на Филолошкиот факултет во Скопје, д-р Славица Велева: „ Азбуката е еден статичен систем. Она што се покажа во текот на седумте децении од развојот и од кодификацијата е дека таа е мошне функционална.
Славица Велева, Елена Верижникова, Соња Должан (од л. кон д.)
Се’ уште немаме големи промени во графичкиот систем, во однос на пишувањето или пренесувањето на македонскиот збор, но правописниот систем е подинамичен. Секој современ јазик во движење или во акција мора да се соочи со промените. Тоа не е страшно, тоа всушност е доказ за живоста на јазикот. Она што е наша задача како македонисти е да се направи една паралела и да се следат промените. Да се почувствува кои промени се суштествени за да се приспособи правописниот систем, бидејќи не може да биде ист цели седумдесет години. Во тој случај би признале дека јазикот е вештачки. Тоа генерално не е убаво за ниту еден јазик, па и за македонскиот.“
Според д-р Велева, фактот што македонскиот е најдоцна кодифициран од сите словенски јазици го прави да биде во голема предност пред нив, затоа што јазичните промени кои се најдинамични во разговорниот јазик веќе се отсликани во стандардниот јазик.
Македонскиот еднакво оддалечен од соседните јазици
„Прашањето на азбуката и правописот, освен лингвистичко и стручно, е и политичко прашање, бидејќи со тоа се позиционира самиот стандарден јазик. Тој може да биде поблизок до некој јазик или да биде оддалечен од некој јазик или јазици. Тому македонистичката идеја е нашиот македонски јазик да биде еднакво оддалечен и еднакво близок до соседните литературни јазици, мислам на бугарскиот и српскиот јазик. И затоа ние треба да им оддадеме почит на претходниците, особено на Мисирков и на Конески, но и да го негуваме и развиваме македонскиот со некои мали надополнувања.
Д-р Људмил Спасов
Времето си наметнува некои свои решенија, како на пример употребата на големата и малата буква, на запирката, пишувањето на цртичката и друго. Но, никако не смее да ја смениме суштината на правописот и азбуката, потенцира д-р Спасов.
Според него, јазикот сам се брани со неговото постоење и развивање, со создавањето на уметничката литература, преку неговата образовна, административна и научна употреба, тоа го прави да биде јазик на европската култура. „Институтот за македонски јазик, факултетот и катедрата за македонски јазик се оние кои треба да бидат дежурни пред различни идеи кои доаѓаат и одвнатре, особено кога ќе се замешаат политичарите, сакајќи или не со некои свои идеи, но и однадвор, кога се негира македонскиот јазик, неговото постоење и основи, па се третира како дијалект на бугарскиот или српскиот јазик. Мислам дека сите добро ја вршат својата улога. Сепак, апелирам по не знам кој пат да се овозможи поширок настап на нашие стручњаци во странство на разни работилници и симпозиуми и конгреси и особено апелирам да се обновуваат и развиваат лекторатите по македонски јазик низ светот. ’Јазикот е нашата најкомплетна татковина’, тоа е мислата на големиот Конески. Се’ што имаме напишано на тој јазик сведочи за нашето постоење во минатото, сегашноста и во иднината. Тука мислам и на македонските зборувачи надвор од Република Македонија, во Бугарија, Србија, Грција и Албанија. Колку да ги признаваат или да не ги признаваат, тие постојат“, вели д-р Спасов.
Македонскиот за странците е јазична лабораторија
Професорката од универзитетот „Ломоносов “ од Москва, д-р Елена Верижникова, тврди дека убавината на македонскиот јазик е во неговата длабочина. „Можеш да го учиш цел живот и исто толку да ги откриваш неговите тајни. Никогаш не ти е здодевно, секогаш ти приредува изненадувања. Македонскиот јазик е јазична лабораторија. Ако го земеме глаголскиот систем ќе се докаже дека македонскиот во тој поглед е најбогат од сите словенски јазици.
Толковниот речник ја фиксира лексиката на македонскиот јазик
Шесттомниот „Толковник на македонскиот јазик“ со 100 илјади зборови треба да претставува основа за правење нов пообемен нормативен речник на јазикот. Македонистите велат дека толковникот има историско значење (26.03.2015)
Македонска јазична (не) култура
Лошите преводи не му користат на македонскиот јазик
Тој е јазик кој има 11 времиња. Ниту еден од останатите словенски јазици нема толку времиња и тој процес е уште динамичен.“ Верижникова објаснува дека процесите во македонскиот се многу слични и во рускиот јазик и дека нив ги диктираат промените во општеството и така се создава потреба од нова лексика. „И кај нас постои неоправдан страв дека рускиот ќе исчезне. Тој брзо се менува со интернационализмите, жаргоните и сленгот, како и македонскиот“, заклучува д-р Верижникова.
Докторантот Соња Должан од Љубљана, Словенија се осврнува на македонизацијата на странски зборови и е незадоволна од она што досега се прави на тоа поле: „Според мене тоа не е ниту креативно, ниту звучи македонски. Би посакала македонските лингвисти малку посериозно да се зафатат со создавање нови зборови, дури ако не може да се создаде тогаш да се прифати некој туѓ збор. Кај нас во Словенија лингвистите сериозно пристапуваат кон создавање нова лексика и за поголемиот дел секојдневни изрази, избегнувајќи ги стручните им даваат словенечко име. Некому словенечкиот назив на некој интернационален збор сега можеби му изгледа смешен, но сигурно е дека новите генерации нема ни да знаат дека тој збор се нарекувал поинаку. За иднината на јазикот битно е да се создадат убави македонски зборови кои ќе најдат широка примена во секојдневниот говор на луѓето, а ќе станат и дел од речникот и правописот“, предлага Должан.
Пред домашните и странските лингвисти на кои македонскиот им е работна задача, но многу повеќе – љубов, постојат нови предизвици сврзани со создавање на нова лексика, дигитален речник и правопис и борба за примена на одамна донесениот Закон за македонски јазик. „Законот на хартија е добар, но со примената не е така. Нормално е ако сакате да го примените законот, треба да се има лектори во сите институции во кои стандардниот македонски јазик треба да биде во јавна употреба. Би било најдобро во сите тие институции законот да го третираме како превентивен, а не како репресивен. Мислам дека не ни треба само закон, туку ни треба свест или самосвест за употребата на македонскиот литературен јазик. Се‘ додека не е така, ниту еден закон нема да ни помогне“, заклучува д-р Велева.
автор:Милчо Јованоски/Дојче Веле