Од денеска 15 ноември до 15 март следната година, на патиштата во Македонија важи обврската за носење зимска опрема.
Притоа, возачите при зимски услови на патиштата ги имаат следните можности:
Доколку на коловозот има снег, кашест снег или мраз, сите тркала мораат да бидат опремени со зимски гуми. Заради безбедност во возењето при брзо променливи временски услови, треба да се внимава на навременото опремување со зимски гуми. Влагата на коловозот може на пример, преку ноќ да се претвори во голомразица, во којшто случај важи обврската за зимски гуми.
Според закон, за зимски гуми се признаваат оние гуми, коишто се означени со ‘M+S’, ‘M.S.’ или ‘M & S’ и коишто имаат длабочина на профил од најмалку 4 mm. Истото важи за така наречените целогодишни гуми, гуми за сите временски услови, како и оковани гуми.
Како алтернатива на зимските гуми, може да се монтираат синџири на најмалку две погонски тркала. Сепак, тоа е дозволено само доколку патот (асфалтиран) е целосно покриен со снег или мраз. Синџирите се монтираат на тркалата на погонската оска. Доколку имате летни гуми на возилото, во случај на подолго возење, со себе треба да понесете и синџири за снег во багажниот простор.
Доколку не се почитуваат правилата за користење и носење зимска опрема во возилата, кои се предвидени во Законот за безбедност на патниот сообраќај, согласно истиот, на секој возач кој постапува спротивно на одредбите ќе му биде издаден платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противредност, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бодови.
Публицитет.мк