
Почина Зоран Џорлев еден од најдобрите македонски виолинисти, вокален изведувач и професор. Џорлев се лекувал од ковид 19 на Инфективната клиника.
Тој беше познат по многубројните обработки и изведби на македонски народни и забавни песни, обработки на филмски, џез и етно теми. Роден е во Струмица на 10 јануари 1967 година, каде го поминал детството. Неговиот татко Наско Џорлев бил познат композитор на народна музика и водач на оркестар.
Кога бил првооделенец, со семејството се преселил во Скопје. Виолината ја изучува во основното и средно музичко образование во ДМБУЦ Илија Николовски-Луј Скопје.
Во 1990 дипломирал виолина на Факултетот за музичка уметност. Работел како професор по виолина, и бил директор на ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје. Во јануари 2011 бил назначен за директор на ансамблот за народни игри и песни „Танец“, каде останал до август 2017 година.

Од 2007 година беше уредник и водител е на популарните музички емисии “ЗАЈДИ ЗАЈДИ”, “ ЗОРА ЗОРИ” и “ПО ПАТОТ НА ПЕСНАТА” кои се емитуваат на македонските национални телевизии.
Премиерот Зоран Заев на фејсбук напиша: – Со голема тага ја примив веста за оваа прерана загуба на нашиот виолинист, професор и солист, Зоран Џорлев. Неговите виртуозни изведби и обработки на македонски народни, филмски и џез композиции ќе останат како огромно непроценливо богатство на народната ризница. Од мое лично име и од име на Владата изразувам искрено и длабоко сочувство. Нека е вечен споменот!
„Со неизмерна тага ја примивме веста дека денеска, на неполни 54 години, прерано замина познатиот виолинист, музички педагог, поранешен член на оркестарот на Македонската опера и балет, телевизиски шоумен и поранешен директор на НУ „Танец“, Зоран Џорлев“, објави „Танец“.
На социјалните мрежи од него се збогуваат неговите колеги, пријатели соработници, уметници и граѓани кои го почитувале неговиот уметнички труд.
Публицитет.мк







