Од утре во државава ќе се воведе полициски час. Движењето за граѓаните се ограничува и ќе биде забрането од 21 часот навечер до шест часот изутрина, соопшти претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски вечерва во своето вонредно обраќање до нацијата.
Оваа одлука, како и сет други мерки беа донесени вечерва на седницата на Владата со цел да се спречи ширењето на корона вирусот во земјава.
-Владата ја донесе оваа тешка одлука врз основа на стручно мислење на Комисијата за заразни болести. Нема компромис кога е здравјето на граѓаните во прашање и само така ќе ги спасиме и народот и граѓаните. Животот радикално се промени и кај нас и во целиот свет. Одлуката е донесена врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести. Од оваа забрана се исклучуваат лица кои имаат потреба од итна медицинска помош, лица во животозагрозувачка состојба и лица на дијализа, исклучиво во придружба на најмногу две лица. Директорите на јавните здравствени установи да изготват список со лица кои имаат потреба од движење во полицискиот час и за нив ќе биде изработени специјални пропусници. Со забраната не се опфатени лица од Министерството за внатрешни работи, армијата, противпожарните екипи, и лица вработени во комунална хигиена, рече Спасовски.
Премиерот кажа дека ќе се ограничи бројот на дежурните аптеки, а пристапот до дежурни аптеки ќе се ограничи само на лица кои биле на преглед.
-Ќе се задолжат такси компаниите да направат дежурства со ограничен број возила за превоз до болници и аптеки, а таксистите ќе носат заштитна маска и ракавици. Се забранува јавен превоз за време на полициски час. Дежурните екипи на ЕВН, топлификација, водовод и телекомите смеат да се движат само дозвола. Директорите и управителите на погони и сите институции се задолжуваат да го прилагодат работното време согласно полицискиот час, образложи Спасовски.
Тој појасни дека во сила останува забраната за собирање во групи од повеќе од пет лица преку ден.
Полициски час, како и вонредна состојба се воведуваат првпат во историјата на нашата независна држава.
Инаку, до денеска напладне, се дијагностицирани 9 новозаболени со корона вирус, со што вкупниот број на заболени од овој опасен вирус се искачи на 85.
Еве го и во целост излагањето на премиерот Спасовски:
Публицитет.мк