Вечерва во атарот на црквата „Св. Петка“ во Велгошти се одржа традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“.
Секој 13 август, 27 години наназад Општина Охрид и Месната заедница од село Велгошти ја чествуваат годишнината од смртта на познатиот македонски писател и раскажувач Живко Чинго, кој прерано го напушти овој свет,а зад себе остави редица незаборавни дела.

Во името на покровителот Општина Охрид пред присутните се обрати градоначалникот Никола Бакрачески:
„Чест е вечерва да се биде дел од оваа манифестација посветена на Живко Чинго, еден од најзначајните автори во современата македонска литература. Сите ние почитувачите на неговото дело, се собравме овде, во близината на храмот „Св. Петка “, во еден од најубавите делови на неговата „Пасквелија“, за да му ја оддадеме должната почит за се она што како трајна и вонвременска вредност и го подари на македонската и светската книжевност.
Оваа вечер е посебна, зошто со нашето собирање и пригодната програма на достоинствен начин ја одбележуваме и осумдесет годишнината од раѓањето на големиот Живко Чинго.

Прерано не напушти од овој свет, но ни остави творештво, на кое верно и искрено ќе се радуваме не само ние, туку и генерациите по нас.
Оригиналноста и сугестивноста на прозата на Живко Чинго ја определува, пред се, уметноста на неговото раскажување, велат неговите пријатели и неговите современици. Додаваат дека неговата раскажувачка дарба е огромна, а расказите делуваат како да се напишани во еден здив.Во нив се препознава раскажувачкиот дух од легендите, преданијата и приказните, кој се вкрстува со сугестивна мистика и добива ретки и возбудливи димензии. Сето тоа, на прозата на Живко Чинго и втиснува печат на сугестивна поетска слика која е длабоко емотивна и полна со чудесна творечка енергија.
Оние што добро го познавале и се дружеле со Живко Чинго, се сеќаваат на неговата нераскинлива врска со Велгошти, за шегобијните велгошки приказни, за интересот за луѓето што имале мака и за неговиот народски дух.
Тие приказни на велгоштани за дружењето со Живко Чинго се прераскажуваат од колено до колено и стануваат нераскинлив дел од времеписот на Велгошти.
Вечерашното чествување и одбележување на 80 годишнината од раѓањето на големиот раскажувач Живко Чинго, нека биде наш придонес во продолжувањето на богатиот времепис на еден од столбовите на современата македонска литература, рече во своето обраќање градоначалникот на Општина Охрид Никола Бакрачески.

За творештвото на Чинго и неговите погледи на животот и светот околу него, пред присутните беседеше академик Милан Ѓурчинов кој со одбарни зборови Чинго го вреди во плејадата најзаслужни македонски автори во литературата.
„Не сакам да ги потценувам другите автори, но талентот на Живко Чинго никој не го имаше во себе. Тој беше единствен случај за мене феномен. Не случајно кога излегоа неговите Пасквелии целиот свет се огласи. Немаше критичар кој не напиша за него . Делото на Чинго не смее да не остави рамнодушни и не заинтересирани. Чинго е еден непоколеблив човекољубец . Секој писател мора да има љубов кон човекот. Но степенот на кој Живко Чинго ги сакаше луѓето е невиден. Чинго прво ги раскажуваше расказите,а дури потоа ги запишуваше, рече академик Ѓурчинов.
Пред присутните се обрати и познатиот режисер Бранко Ставрев чест соработник на Чинго. Тој меѓудругото посака и пределожи до следната „Вечер на Чинго“ некоја од македонските телевизии да ја сними не снимената ТВ драма на Чинго под наслов „Марта“ и таа да биде прикажана во истиот амбиент. Драмата е пишувана како нарачка за ТВ Белград што говори за огромниот интерес за творештвото на Чинго и надвор од македонски рамки, рече Ставрев.

Претходно градоначалникот Бакрачески на добитникот на годинешната награда за најдобар кус расказ „Живко Чинго“ младиот охридски автор Димитар Димоски за расказот „Мојата куќа во Крст џамија“ му го врачи наградниот чек во вредност од триесет илјади денари.
Расказот на Димоски во конкуренција од уште 72 раскази комисијата во состав: Смиле Наумоски, писател, Тоде Илиески, писател и Милчо Јованоски, новинар и публицист го одбра за најдобар врз основа на неговите високи естетски и уметнички вредности.
Во своето кусо обраќање со доза на возбуда авторот Димоски заблагодарувајќи и се пред се’ на општината за распишаниот конкурс рече дека наградата му ја посветува на неговиот за жал веќе покоен дедо, кој како што рече: Тој од сите нас најдолго живееше во таа куќа која ја опишувам во расказот, но си замина пред нејзиното заминување и нему му ја посветувам наградата.

„Убаво е да се биде вечерва тука и среќен сум. Не очекував, искрено дека ќе се најдам на ова место и дека ќе ја добијам оваа престижна награда која мене многу ми значи и дури сега сфаќам колку е голема, колку е поголема од мене. Мислам дека оставив се’ на тој расказ и дека го пишував со искрено чувство . Често користам една фраза на Чинго која ја има горе во црквата „Св. Петка“ и вели: „Ваше е само на што ќе им го дадете на другите.“ Јас , Вам ви давам расказ кој се надевам ќе го издржи тестот на времето и ќе си го најде местото меѓу останатите раскази и останатите досегашни и идни добитници на оваа награда.“
Пред почетокот на официјалниот дел од манифестацијата делегации на Општината, Месната заедница, ОУ „Живко Чинго“ претставници на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ се поклонија и положија цвеќе пред бистата на Чинго.





Букет цвеќе добитникот на наградата „Живко Чинго“ доби и од ОУ „Братсво“ во кое учеше и ги направи првите обиди во литературата.


Во културно – уметнничката програма покрај КУД „Живко Чинго“ од Велгошти со изведба на две композиции настапи и флејтиската Даниела Петкоска
Милчо Јованоски / Публицитет.мк
Фото – Општина Охрид






