За една или најмногу две недели се очекува парламентот да ги донесе измените и дополнувањата на законот за трговија со што на трговците на големо и мало во туристичките центри ќе им биде дозволена работа во недела. И, додека трговците изразуваат задоволство од новото законско решение, од Сојузот на синдикатите на Македонија остро реагираат и бараат доследно почитување на Законот за трговија и Законот за работни односи, уште повеќе поради тоа што измените и дополнувањата ќе се носат без социјален дијалог…
Законското решение за „Недела неработен ден“ нема да важи за туристичките центри. Ова денеска го рече министерот за економија Крешник Бектеши по средбата со трговците од охридско-струшкиот регион. Со предложените измени и дополнувања на Законот за трговија во туристичките места ќе се дозволи работа во недела во текот на целата година во сите дејности од областа на трговијата.
„Досега претрпевме големи штети овие пет месеци кога не работевме. Пет, шест месеци, но сепак се надеваме дека ова и таква е најавата дека ова ќе биде многу јака туристичка сезона, така што мислиме дека за некаде со работа во недела и со работа во празници дека ќе успееме некако да избалансираме да дојдеме до една позитивна нула“, вели Маја Бакалова, претседател на здружение „Чаршиски еснаф“.
На оваа иницијатива на министерството за економија остро реагираа од ССМ од каде што велат дека не смее заради тоа што газдите почувствувале што значи да се работи во недела да им се ускрати правото на неделен одмор на работниците. При тоа посочуваат дека измените и дополнувањата на Законот се носат без социјален дијалог. Од друга страна министерот Бектеши рече дека уште при носењето на Законот за трговија било најавено ова ново решение.
„Сите тие работници коишто ќе работат во недела согласно ова законско решение ќе добијат дневници зголемени за 100 посто, како што беше одредбата за шопинг моловите. Тоа ќе важи и за сите тие што ќе одлучат да го отворат своите продавници и во недела“, рече Крешник Бектеши, министер за економија.
Сепак од ССМ бараат доследно почитување на законите и велат дека уште во текот на преговорите побарале оваа материја да се регулира за да се спречи министрите без социјален дијалог како сега да ги уназадуваат работничките права и да им удоволуваат на газдите како во овој случај.
Извор: Сашо Нелоски, МРТВ
Публицитет.мк