Превентивни прегледи за здраво срце
На градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ денеска од 9 до 13 часот под шатор лекари од Заводот за кардиоваскуларни заболувања вршеа основни прегледи со мерење крвен притисок, ЕКГ и совети за правилен живот како превентива од кардио-васкуларни заболувања.
Заводот за кардиоваскуларни заболувања е првата здравствена институција што се вклучи во одбележувањето на овој ден, а трета година по ред активностите ги спроведува во соработка со општина Охрид. Во акцијата активно учествуваше и градоначалникот Никола Бакрачески, кој како лекар – каридолог исто така ги прегледуваше охриѓани.
Светскиот ден на срцето – 29 септември, има за цел да ја направи што подостапна информацијата дека срцевите заболувања и мозочните удари се водечка причина за смртност во светот и се одговорни за 17,3 милиони изгубени животи годишно.
Годинашното мото на денот беше „Создавања на околина за здраво срце“.
Пораката е дека местата во кои живееме, работиме, се забавуваме не треба да ги зголемуваат ризиците за кардиоваскуларни заболувања.
Публицитет.мк