Во рамките на 51 издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински “ во Прилеп во трката за награди ќе учествува и Народниот театар од Охрид. Младиот театарски ансамбл ќе се претстави со „Парламентарки“, работена според дело од Аристофан, а во режија на Ненад Витанов.
„Драмската предлошка за текстот „Парламентарки“ лежи во Аристофановата комедија „Жени во Народното собрание“ и севкупниот драматуршки материјал, кој беше напластен во процесот на создавањето на претставата, комуницира – или подобро – се обраќа на сегашноста, создавајќи карикатурална политичка фарса со елементи на гротеска, своевиден комедиографски хибрид кој почива на проблемот на власта. На оваа линија, текстот е инспириран од кризата на поединецот кој ја напушта сопствената зона на комфор и излегува на првата линија на отпорот, борејќи се за правата кои сам ги создава, со желба да креира систем по свои, сосем нелогични правила и стандарди. „Парламентарки“ од една страна го критикува секој политички систем и структурите на власта, а од друга – се занимава со органиката на човековата глупост во желбата за власт и моќ“, вели драматургот Сашо Димоски.
Старите „Парламентарки“ во новото време
Претставата „Парламентарки“, инспирирана од комедијата „Жени во Народното собрание“ од старогрчкиот комедиограф Аристофан, почива врз принципот на создавање сценска карикатура во сите облици на власта, нејзино поистоветување со сегашноста и обид да се надмине сегашноста кон вечното сегашно време.
„Оваа претстава, како комедија со елементи на гротеска и фарса, пред гледачот поставува еден свет на интимен конфликт кој станува политички конфликт, поставувајќи ги и толпата и поединецот сред кризата како животен императив. Човековата желба за позиција и власт, како двигатели на фабулата низ сценското дејство, го носат светот до сопствениот амбис и му допуштаат, сосем спокојно, да се урне, со надеж дека светот кој доаѓа ќе може да биде доволно едноставен за да се опстане во него, вели режисерот Ненад Витанов.
Во терминот од 10 – 17 јуни на фестивалот во Прилеп ќе бидат изведени 13 претстави
Годинава Сабина Ајрула-Тозија од Драмскиот театар и Илијаме Билјали од Албанскиот театар, како и театарскиот критичар Лилјана Мазова се добитниците на наградата за животно дело што традиционално се доделува на фестивалот.