Излезе од печат 116 тата книгата ОХРИДСКО ЕЗЕРО БИСЕР НЕБЕСЕН од Европскиот Академик д-р Миле Д. Миќуновиќ напишана на 224 страници, со современ дизајн, колор, со 394 фотографии, во издание на Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид. Во неа се опишани 32 места од каде е фотографирано езерото.
Целата обиколка на езерото заедно и со територијата во Албанија е во растојание од 101,6 км со автомобил. Изнесени се преубави погледи на Охридското Езеро со објаснување на местата од каде е фотографирано, по редослед, од градот Охрид, кон Пештани, Трпејца на врвот на планината Галичица, па кон Св. Наум, во Албанија Тушемиште, Поградец, Мемелиште, Удениште, Пискупат, Лин, Калишта, Радожда, Струга и повторно во Охрид со залезот на сонцето.
Како дојде до пишување на книгата „Охридско Езеро бисер небесен“? Авторот д-р Миќуновиќ, објаснува:
– Минатата година кога ја пишував книгата „Црквите во Охрид“ одев и по селата кои се под Општина Охрид. Кога се искачив во селата Велестово, Горно Коњско и сите села на планината Галичица здивот ми застана од преубавиот поглед на Охридското Езеро. Поради сината топла боја, која е поинтензивна и од небесното синило, а и поради големината која зафаќа површина од 358.2 км2 заслужува назив – македонско слатководно море. Како да е пред мене голем морски залив меѓу високи планини на надморска височина од 693.17 метри. Елипсовидната форма на езерото овозможува од безброј места, со поглед да се опфати целата негова живописна темносина површина. Ми падна идеја да го обиколам езерото и во територијата во Албанија и со автомобилот поминав 101.6 км. Езерото го сликав од 32 места за кои дадов основни карактеристики.
Прво, во книгата ставив карта на движење од Охрид кон Св. Наум, територија на Албанија, преку Струга повторно во Охрид на зајдисонце. Означени се местата од кои е фотографирано и нивната надморска височина. Со фотографијата се занимавам од детство. Фотографијата е зрак или одблесок на постојното. Фотографијата е само еден момент на вечност. Затоа таа сама по себе е завршена работа. Она што еднаш е поминато низ фокусот на фотографскиот апарат, веќе во следниот момент не е исто. Затоа со посебна возбуда, за мене, а верувам и за читателите, фотографијата би ја нарекол неповторлив момент за паметење.
Светот би рекол дека го движат и прават интересно место за живеење, меѓу другото, информацијата и фотографијата. Фотографијата ја разбирам, како информација, како личен агол на гледање, кој ја има моќта да се претвори во колективен чин на посматрање. Затоа фотографијата е и општо место, каде се вкрстуваат погледите, а секој за себе го формира впечатокот и го донесува судот за прикажаното. Затоа фотографијата ја сметам за посебност во изразувањето на личниот однос кон објектот на посматрање. Откога ќе го помине мисловниот праг и влегува во објективот на техничката совршеност, веќе во следниот момент ни се отсликува пред нас реалноста. Фотографијата ја има моќта да ни ја прикажува вистината, затоа ја прифаќам како сопствен исказ и како стил на изразување.
Прикажаното на фотографиите што се во книгата, сакам, драги читатели, да ве извлече од рамнодушноста на погледот, да ви ги разбуди емоциите кон опкружувањето, затоа што ништо не останува исто, времето ги менува и состојбите и впечатоците и погледите.
Според мене, читателот присуствува на чинот на вистината. А утре можеби сè ќе биде поинаку, вели Миќуновиќ.