Утре на 24 април се одбележуваат 117 години од смртта на големиот охридски и македонски револуционер Христо Узунов. Овој ден веќе 45 години е и патронат на истоименото основно училиште во Охрид.
На 24 април 1905 година, од Крушево војводата Христо Узунов со четата заминал за Кичевско. Во селото Цер биле опколени од многуброен турски аскер со артилерија. Тие не примиле никаква помош па биле принудени или да се предадат или да се самоубијат. За да не им паднат на Турците живи во раце, Узунов и неговите 13 соборци извршиле саможртва, последните куршуми ги истрелале во себеси.
Годинашното мото на прославата е: „Со мир и љубов до сплотен свет“, во чест на патрониот ден се обрати директорката на училиштето Оливија Пирузева Јанева, која се осврна на 45-годишниот развој на ОУ „Христо Узунов“.
Ова училиште веќе 45 години гордо и достоинствено го носи името на овој великан од нашата историја. Денес, „Христо Узунов“ е училиште кое нуди можност за стекнување квалитетни знаења, навики и вештини. Институција во која беспрекорно функционира тријаголникот ученик – наставник – родител, во кое се негуваат меѓусебното разбирање и почитување, секогаш отворено за соработка и комуникација.
Тоа е училиште со изграден белег во локалната средина, солидно кадровски екипирано, со амбиција за постигнување афирмативни резултати со учениците. Претставува средина која се карактеризира со одредени традиции, обичаи и навики, но и со спремност да се прифатат сите предизвици и иновации во воспитно – образовниот процес. Всушност, тоа е тип на училиште кое претпоставува брзи промени на постоечкиот и профилирање нов тип на работа со ученици. Нашата движечка сила е гордоста и чувството за успех, кое доаѓа од стремежот за постигнување на крајната цел, а тоа е високо ниво на квалитет. Постигнувањето на крајната цел создава една заедничка мисија, во која сите можат да се препознаат и да го најдат своето место.
Покрај професионалното издигнување на училиштето, не може а да не се потенцира и зајакнувањето на капацитетите на училиштето со капитални инвестиции. Со брзи организации, изработка на проекти и сите пропратни активности, последниве години беа извршени големи реконструктивни зафати за подобрување на инфраструктурните услови. Исто така училиштето се здоби со нов современ инвентар за кабинетот за Природната група предмети, целосно, Европски опремен со потребните нагледни средства. Сето ова има за цел да се обезбедат добри и еднакви услови за сите ученици. Во прилог на сето тоа е добивањето на многу вреден грант од Светска банка преку Локалната самоуправа, преку кој ова училиште ќе добие нов лик со нова фасада, целосно внатрешно молерисување, нов модерен тип на греење, внатрешна столарија и осветлување.
Имајќи го во предвид сето ова, „Христо Узунов“ е училиште каде постојано се подигнува квалитетот на условите за настава, како и квалитетот на наставата, што допринесува за постојано подобрување на ефективноста на училиштето во кое се работи професионално и се поставуваат високи стандарди, рече директорката Оливија Пирузева – Јанева.
Публицитет.мк