
Веќе подолг период охриѓани во попладневните и вечерните часови своите деца на лекување ги носат во струшката болница, бидејќи во детското одделение на Општата болница во Охрид работи само еден педијатар. Двајца лекари веќе се на специјализација, но ќе треба време додека тие не го заокружат тој процес. Од Министерството за здравство велат дека во тој период проблемот треба да се надмине со подобра соработка помеѓу охридската и струшката болница…
Детското одделение во Општата болница во Охрид повеќе од една година работи како амбуланта со еден педијатар, а охриѓани во попладневните часови и во текот на ноќта своите деца се принудени да ги носат на лекување во струшката болница. Со проблемот е запознаено Министерството за здравство од каде што велат дека тоа е резултат на заминувањето на медицинскиот кадар од јавните здравствени установи во изминатите десеттина години и посочуваат дека проблемот може да се надмине со ротација на педијатри од струшката болница.
„Морам да напоменам дека дадени се две места за специјализации за педијатрија во Охрид. Меѓутоа ќе мораме да почекаме додека они не специјализираат, што одзема време. Во меѓувреме сме во контакт со Општата болница во Струга каде што се вработени четири педијатри, па може една соработка меѓу двете болници да се иницира“, изјави Беким Сали, министер за здравство.
Директорката на Детската клиника во Скопје Аспазија Софијанова вели дека е недозволиво туристички центар како Охрид да нема педијатри, поради што тројца лекари од скопската клиника повремено помагаат во Охрид“.
„Проблемот што е веќе поназад, некако не се размислуваше дека кадарот со педијатрите го снема практично во еден дел. Некако другите специјализации како се даваа,некако се заборави педијатрија на што јас секогаш инсистирав и практично како човек инсистирам. Засега само тројца покриваат, меѓутоа сметам дека тоа тие треба и локално да станат специјалисти, да покриваат многу поголем број“, изјави проф. д-р Аспазија Софијанова-директор на Детска клиника Скопје.
Според Софијанова треба да го следиме примерот на некои мали држави во светот каде што во помалите градови имаат свои специјалистички и супспецијалистички амбуланти што ќе придонесе да не се соочуваме со слични проблеми.
Извор: mrt.com.mk Сашо Нелоски
Публицитет.мк







