
Општина Охрид ја информира јавноста дека како дел од подготвителните активности за реализација на проектот за комплетна реконструкција на улицата „Јане Сандански“ од крстосницата со булеварот „Туристичка“ до кружниот тек кај Болнички комплекс и проектот за замена на дотраената азбестна водоводна линија, деновиве се врши отстранување на старите и оштетени стебла од дрворедот на улицата. Станува збор за стари стебла кои ја оштетуваат пешачката патека и ги подигнуваат бехатон плочките. Дел од стеблата се искривени, со што претставуваат опасност за минувачите и паркираните возила.
Во рамки на проектот за реконструкција на оваа значајна градска сообраќајница, запазени се сите мерки за обезбедување на урбано зеленило и предвидено е подигнување на нов дрворед.
Општина Охрид во континуитет инвестира во зачувување на животната средина, одржување на зелените појаси и парковските површини во градот. Како дел од Програмата за заштита на животната средина, во тек е тендерска постапка за набавка на вкупно 300 четиригодишни садници од видот Acer platanoides. Дел од нив дел ќе бидат наменети за новиот дрворед на улицата „Јане Сандански“.
Поради непречено одвивање на активностите, ги известуваме учесниците во сообраќајот дека ќе има времена забрана за паркирање на возила на оваа улица.

Според планираното, градежните активности за реконструкција на улицата и реализација на овој голем инфраструктурен проект се очекува да започнат за десетина дена. Заедно со официјалниот почеток на активностите, јавноста ќе биде информирана за сите детали на проектот.
Инаку, проектот опфаќа нова водоводна линија односно нов главен цевковод, и два секундарни од двете страни на тротоарот. На секундарниот цевковод ќе биде приклучена секоја куќа и сите трошоци за приклучувањето ќе ги сноси општината. Покрај целосна обнова на коловозната лента со нов асфалт, проектот предвидува поплочени тротоари и велосипедски патеки од двете страни на улицата. Од десната страна кон болницата предвидено е оформување на нови паркинг места.
Како локална самоуправа продолжуваме да бидеме посветени на крупни инвестиции во современа инфраструктура и да обезбедуваме подобри услови за граѓаните.
Со почит
Одделение за односи со јавност
Општина Охрид
Публицитет.мк






