Неодамна , кон крајот на октомври, во Загреб пред 20 000 публика концерт во Арената Загреб одржа легендарниот Мишо Ковач ,славејќи ги заедно со верната публика 54 години од својата музичка кариера. Тој несомнено е една од најголемите музички ѕвезди во некогашната Југославија.
Тој е човекот кој успеа да продаде 20 милиони грамофонски плочи што го направи апсолутен крал на дискографијата во бившата СФРЈ.На својот богат репертоар имаше стотина вистински хитови кои и ден денес со задоволство се слушаат.
Една најслушаните и најромантичните песни во тогашната Југославија испеана од Мишо Ковач , секако е „ Остана секогаш иста“ за која стиховите ги напиша Жељко Сабол а музиката е дело на најпознатиот и најпродуктивниот композитор во тоа време, Ѓорѓе Новковиќ.
Оваа култна музичка нумера е лансирана во вечноста одкако победи на „ Хит прадата“ во 1975 година во Белград.Таа година песната била објавена како сингл плоча, а една деценија подоцна на истоимениот албум кој бил продаден во 20 0000 примероци.Оваа песна го прослви Мишо Ковач која, според неговите зборови , е најдобрата, најубавата и негова најомилена песна.
За квалитетот на песната говори и овој податок. Имено,кога Мишо Ковач се пријавил со оваа композиција на „ Хит парадата“, групата „ Бијело дугме“ го откажала своето учество, бидејќи откако Горан Бреговиќ ја слушнал песната , рекол: „ Ние нема што да бараме таму“. Победникот го бирале 100 новинари од цела Југославија, а за песната „Остана секогаш иста“ гласале 99 припадници на седмата сила.
Интересно е да се спомене дека неодамна беше откриено дека стиховите од песната што ги напиша Жељко Сабол се посветени на белграѓанката со потекло од Ријека , Агица Гржетиќ. Оваа емотивна „ рапсодија “ настанала по случајната средба на стари пријатели по многу години на островот Крк, каде хероината на песната допатувала со своето дете кај своите родители.Иако таа била повозрасна од него нив ги врзувала заедничката љубов кон островот кога се дружеле по плажите и вечерните часови кога се пеело и другарувало до доцна во ноќта.
Нивната повторна средба се случила во 1975 година , кога одкако се изнаприкажале и потсетиле на некогашните времиња , таа меѓу другото му рекла дека сака да го слуша Мишо Ковач. Тоа Сабол по се изгледа добро го запаметил и откако ги напишал стиховите кои говорат за оваа средба со Агица, тој побарал од Ѓорѓе Новковиќ да ја напише музиката а песната му ја понудил на Мишо Ковач.
Како што веќе рековме, песната стана вистински евергрин и доживеа неколку изведби од кои секако е најпозната онаа на нашиот Тоше Проески. Песната може да се слушне и во изведба на Жељко Самарџиќ,Ѓани Стипаничев и Раде Шербеџија.
Ве потсетуваме на оваа безвременска песна во изведба на Мишо Ковач.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк