Синоќа во Белчишта, општина Дебрца, свечено беше отворена интернационалната ликовната колонија “Дебрца – 2018”, една од најстарите и со најбогат фонд уметнички дела, во нашата земја.
Годинешните учесници ги претстави основачот на Колонијата, ликовниот уметник Ѓоко Целески, кој му предаде специјална благодарница на Јосиф Ефтимоски , најдолгогодишен претседател на УО и помагател на Колонијата.
Колонијата за отворена ја прогласи градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески. – Со колонијата живее цела Дебрца, а не само селото Белчишта, седиштето на локалната самоуправа . Ликовната колонија “Дебрца” не е обичен културен настан, туку олицетворение на уметноста и културата на Дебрца и дека уметноста и културата не се создаваат само во урбаните центри, туку и во руралните средини и на секое место каде што има креативен творечки потенцијал.
Уметничките дела создадени на Ликовната колонија не се само наследство на Дебрца и Македонија, туку се светско културно наследство. Затоа од наредната година ќе внесеме нова сила и енергија, ќе вбризгаме нов адреналин и ќе го вратиме стариот сјај на Ликовната колонија. На крајот на сите годинешни учесници им посакав инспирација за создавање на нови уметнички дела, а тоа во Дебрца го имаат во изобилство, бидејќи како што Белчишките “Сини Вирој” се непресушен извор на питка вода , така Дебрца е непресушен извор на творечка инспирација. Крајно, сите мораме да се водиме од максимата: Ars longa, vita brevis, или уметноста е долга, животот е краток. – истакна Ногачески.
На отворањето, свои обраќања имаа и читаа песни, поетите професор д-р Мито Спасевски и Петко Шипинкароски.
Годинава, на Колонијата, во Белчишта, Црвена Вода и на други места, ќe создаваат: Од Македонија-Стадим Димитров, Запро Запров,Даниела Димческа, Горан Јованов, Симон Арнаудов, Предраг Јанески.Од Албанија доага Тасо Констандини, а од Бугарија – Ѓорги Андонов-Жоро, Венера Константинова и Дарина Златарева.
Публицитет.мк