Верувам дека малкумина знаат дека прочуениот Чарли Чаплин освен како актер ,режисер и сценарист бил и мошне добар композитор кој ја напишал музиката за дваесетина свои филмови но е и автор на неколу инструментални композиции кои станаа вистински хитови кои и ден денес се слушаат со задоволство.Едната од нив е „ Насмевка “која Чаплин како инструментална композиција ја напишал за потребите на филмот „ Модерни времиња“ во 1936 година и која подоцна како вокална, во изведба на Нет Кинг Кол ( и безброј други изведувачи) ќе стане вистински евергрин.
Втората инструментална тема именувана како „Ова е мојата песна“ Чаплин ја напишал за потребите на филмот „Грофицата од Хонг Конг“ во кој настапија Марлон Брандо и Софија Лорен. Темата тој ја напишал во 1966 година мислејќи дека со неа ќе допринесе да оживеат романтичните приказни кои се случуваат за време на патувањата со прекуокенските бродови. Таквите филмови биле мошне популарни во триесетите години од изминатиот век.Чаплин имал идеја вокалната верзија на оваа песна да ја отпее Ал Џонсон но како тој веќе бил одамна починат (1950) песната во филмот била изведена само во инструментална верзија.
Сепак, Чаплин не се откажал од идејата песната да има и вокална изведба и за таа цел и ја понудил на Петјула Кларк која имала куќа во близината на неговата во Швајцарија.Сопругот на Петјула Кларк, Клод Волф, кој бил нејзин менаџер ја добил песната од Чаплин во септември 1966 година кога тие престојувале во Невада.Таа му се допаднала и тој сметал дека песната би имала голем успех во Франција. Меѓутоа постојаниот соработник на Петјула , Тони Хеч, не бил воодушевен од песната и ја одбил поканата на Клод Волф да соработува на оваа песна.
По многу перипетии песната конечно била снимена во едно студио во Лос Анџелес каде Петјула ја снимила во повеќе верзии :на француски , англиски ,германски и италијански јазик.Интересно е да се спомене дека Петјула не сакала да ја отпее верзијата на англиски јазик бидејќи оригиналниот текст кој бил напишан од Чаплин не и се допаѓал бидејќи бил „старомоден“.Сепак на крајот се согласила да ја отпее и на англиски мислејќи дека таа верзија ќе се најде само на нејзиниот албум. Одлуката на компанијата Пје Рекордс да ја издаде песната како сингл плоча , Петјула се обидела да го блокира. Синглот сепак бил издаден и за кусо време се нашол на врвот на табелата за синглови во Велика Британија освојувајќи го првото место на 16. Февруари. 1967 година каде останал и следната недела.Синглот во Велика Британија бил продаден во повеќе од 500 000 примероци.По овој голем успех на песната , компанијата Пје Рекордс го повлекла актуелниот албум на Петјула и го реиздал вметнувајќи ја и песната која станала голем хит.Освен тоа таа песна била дел и од нејзиниот следен албум кој стигнал до 38 место на албуми во Велика Британија.
Песната на Петјула Кларк набрзо се нашла на топ листите на најслушаните во Ирска, Австралија, Родезија, Холандија ,Белгија , Финска , Индија, Малезија, Нов Зеланд, Норвешка, Сингапур, Шпанија, Тајланд, Венецуела…Северноамериканското издание на синглот со оваа песна се искачи на третото место во САД и четвртото во Канада а нејзиниот албум со оваа песна се искачил на 27 место во САД .
Голем успех забележале и француската, германската и италијанската верзија на песната. Така синглот во Франција достигнал тираж од 350 000 примероци а во Белгија 70 000 примероци.
Песната доживеа и голем број на вокални и нструментални изведби. Така таа може да се слушне и во изведба на Френк Синатра, Енгелберт Хампердинк,Кони Френсис,Ал Мартино, Енди Вилијамс…но и во изведба на многу интерпретатори од цел свет кои ја отпеале на сопствениот мајчин јазик со текст кој е сосема различен од оригиналот.Меѓу нив е и изведбата на Сенка Велетанлиќ на српски јазик а насловот на песната е „Љубов е тоа“ и е снимена во 1967 година. Така речи да нема некој светски познат оркестар или инструменталист кој на својот репертоар ја нема оваа музичка тема.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк