„Најмалку тројца членови од сегашниот состав на ДИК се под кривичен прогон на Специјалното јавно обвинителство.
Тие што се под прогон на СЈО сега поднесуваат кривични пријави против јавните обвинители, кои со месеци беа опструирани и сатанизирани. Како може да се говори за избори на 24 апри? Ние на избори, само заради избори, нема да одиме“, дециден е Стево Пендароски, претседателски кандидат на СДСМ на претходните избори, кој денеска беше во Охрид.
Република Македонија, вели Пендаровски, ни случајно не смее да си дозволи таков луксуз да оди на избори на 24 април затоа што не се обезбедени ниту елементарните услови за фер соочување.
Пендароски, сепак, во наредниве неколку денови очекува да се случат решенија од особена важност за иднината на Република Македонија.
– Законската рамка за медиумите ја немаме ниту по осум месеци од договорениот рок. Избирачкиот список не е ниту почнато да се прочистува. Ако некој сака да оди на избори без да се создадат минимални претпоставки за рамноправен медиумски третман, тоа е негов проблем. За СДСМ е тоа неприфатливо – додава Пендаровски.
Гласот на еврокомесарот Јоханес Хан околу оценката дали се исполнети услови за избори на 24 април, нема да биде пресуден, изјави денеска во Охрид, Стево Пендаровски, претседателски кандидат на СДСМ на последните избори.
– Постои можност комесарот Хан воопшто и да не дојде во Македонија, неговата денешна изјава укажува токму на таков развој на настаните. Најреално мислам дека по неговите изјави, кои ги даде во Скопје, простор за други изјави нема бидејќи објективно со тие изјави Хан влезе во директно асистирање на една од преговарачките страни и мене ми се чини дека е најдобро да препушти на други луѓе од меѓународната заедница и од Македонија да проценат дали има услови за одржување на избори. Неговата изјава во Скопје беше дека три партии се договориле за избори и дека четвртата страна треба да се приклучи и да реши што ќе прави во меѓувреме. Тоа беше изјава која не му доликува на непристрасен преговарач или олеснувач – рече Пендаровски.
Извор:meta.mk
Фото: Публицитет.мк