Кочовски ќе е единствен македонски претставник во категоријата – ученици.
Младиот охридски хармоникаш Петар е ученик во четврта година во Средното музичко училиште во Струга – отсек хармоника а секоја сабота учи хармоника во Тетово во класата на професорот Коста Тодоровски.
Деновиве Кочовски ќе патува за Русија каде од 11 до 18 септември ќе биде единствен македонски претставник во категоријата за ученици и ќе ги брани нашите бои на Светскиот куп по хармоника во градот Ростов на Дон во Руската Федерација. Кочовски со посебна возбуда го очекува овој натпревар од светски ранг, иако зад себе веќе има повеќе државни и меѓународни награди на натпреварите по хармоника .
-Настапот во Ростов е голем предизвик за мене. За да одам на овој светски куп одлучија моите ментори кои веруваат во мене и ме поддржуваат. Се пријавив и цело лето напорно вежбав. Настанот во Ростов всушност е музичка олимпијада по хармоника во повеќе категории а јас ќе бидам единствениот од Македонија во категоријата на ученици.
Правилата за учество велат дека секој натпреварувач ќе има 15 минути да се претстави пред жирито и публиката. Задолжтелно е едно дело да биде од барокната музичка епоха, едно дело специјално пишувано за хармоника и едно дело по слободен избор. Петар и неговите ментори го одбрале следново: -Во првата етапа ќе свирам „Капричо“ од Репников, ќе свирам „Соната во F –dur“ од Доменико Скарлати и „Калина Краснаја“ од композиторот Семјонов, која е класична композиција со мотиви од руската песна, вели Кочовски.
Патот до Русија и не е толку близок и евтин. Го прашавме Петар како се снајде со финансии за патувањето?
-Деведесет проценти од потребните пари за патувањето и учеството на светскиот куп по хармоника се лично мои и од тимот којшто ќе патува со мене, остатокот е обезбеден од спонзорства. Подадовме барање за помош до Општина Охрид но до овој миг – два дена пред тргнување за Ростов немаме одговор.
Младиот хармоникаш Петар околу пет и пол години е дел од оркестарот на КУД „Ѓердан“ и редовно настапува на концерти и турнеи.
-Кога сме кај „Ѓердан“ дозоволете да му се заблагодарам на чичко Менде ( Методија Бараковски н.з) за искрената поддршка која ми ја дава сиве овие години. Да се биде дел од ова КУД е навистина среќа и гордост,ни рече Петар.
Но дружбата на младиот хармоникаш со хармониката и музиката почнала многу порано:
-Во наштето семејство пред мене дедо ми има свирено хармоника, па можеби тоа е некако генетски- наследно, не знам. Пред околу девет години добив малечка хармоника и си играв со неа. Брат ми ме научи да отсвирам една песна , па еден мој братучед кој свири хармоника ми отсвире уште една песна која ја научив во рок од десет минути и така почна. Подоцна ме запишаа во Основното музичко „Методи Патче“ во Охрид во класата на професорот Наум Џуклески и така почна мојата музичка приказна која еве ме води кон проифесионалните води, вели Кочовски.
На крај младиот Петар ни кажа дека сонува да студира хармоника некаде надвор од Македонија,ако за тоа му се отвори среќата и ако се создадат услови, со тоа индиректно ни кажа дека музиката ќе биде негов придружник во животот.
Милчо Јованоски, Публицитет.мк