Охриѓани во пресрет на празникот уште еднаш уживаа во староградската песна на ансамблот „Билјана“ и нивните гости
Со љубов, душа и со мерка – така накусо може да се оцени синоќешниот петти концерт на младите наследници на легендарната „Билјана“. Тие се трудат и успеваат охридската и воопшто македонската староградска песна да ја зачуваат во себе и да ја споделат со сите нејзини почитувачи.
Синоќа тоа им успеа во целост. Во пресрет на 11 Октомври – Денот на народното востание на оние кои беа во салата на Центарот за култура „Григор Прличев“ им приредија концерт за кој долго ќе се зборува во Охрид.
Одржувањето на концертот го помогнаа Општина Охрид и центарот за култура „Григор Прличев“ а присутните во име на локалната власт ги поздрави замменикот на градоначалникот Ангел Јанев.
Момците кои учеа од нивниот основач – легендарниот Кузман Поп Стефанија и од неговиот колега Ташко Петрески – Шуле покажаа дека знаат и умеат. Зад нив веќе е долга музичка километража. Тоа го покажаа и со гостите кои им направија чест и заедно со нив изведоаа десеттина староградски песни кои ја кренаа и публиката на нозе.
Петар Нечоски, Симона Попоска, Ѓоко Танески и Мартина Костова ја разубавија вечерта со своите настапи им направија чест и означија период на заедничка дружба од претходните нивни професионални настапи. За полниот музички звук им помогнаи нивните пријатели инструменталисти: Димче Бушиноски, Бојан Лушкоски и Оливер Настовски.
Јован, Ангел, Андреј и Христијан, а може и по секој друг редослед импонираат по својот музички настап, но и другарството кое ги краси, како луѓе и соработници.
За осум години стигнаа заедно да направат два музички албуми да имаат безборј настапи и вредно да учат.
Тие ни ја враќаат вербата дека охридската песна најде во нив одлични наследници кои ќе ја предаваат на идните генерации.
Младите „ Билјана“ покажаа дека се на добар поат да се носат со долгата 65 годишна слава на нивните претходници. Момци продолжете,со радост ги чекаме Вашите нови успеси!
Фото: Емил Јовановиќ
Публицитет.мк