На штандот на ПНВ ПУБЛИКАЦИИ меѓу изданијата кои се изложени а се во нивна продукција е и стихозбирката од младиот, но веќе познат поет Исток Улчар „Стихотворбите на Хрвоје“.
Во чест на триесеттото издание на саемот ПНВ ПУБЛИКАЦИИ наградува тројца читатели на ПУБЛИЦИТЕТ.МК – Што треба да сторите? Едноставно од овој миг најдоцна до утре напладне да ги оставите Вашите основни податоци во порака на Фејсбук профилот на Публицитет.мк и да очекувате среќата да ви се насмевне. Во меѓувреме – ви нудиме грст стихови од младиот Улчар кои тераат на размислување за нас и за светот околу нас…
Исток Улчар е роден на 11.09.1996 година во Скопје, гинекологија Чаир. Ги објавил стихозбирките „Сенки низ циркускиот шатор“ (2014) и „Интензивен курс по агонија“ (2016). Неговата поезија е застапена во неколку избори на дела од млади македонски и екс-југословенски автори: „Антологија на младата авангардна македонска поезија“, „Лирски додекамерон“, „Rukopisi 36“, „Поетискон“ и др. Учествувал на повеќе книжевни читања, од кои како поважни се издвојуваат: „Ноќ без интерпункција“ при СВП, „Поети за промена“ во Струмица при „1000 Poets for Change“ и слем-читањето „Veče otvorenih mikrofona“ во Белград, Србија. Негови песни се преведени на српски и на англиски јазик. „Стихотворбите на Хрвоје: ein Volksbuch“ е негова најнова стихозбирка.
ЗОШТО НЕ СУМ ПОЕТ
Јас не ги пишував своите песни од џигер,
како што велеше твојот драг Исаковски.
Јас ги пишувам моите песни од мозокот,
од најнепоетичниот орган на човекот.
Во моите песни не се препознава
шепотот на чувствата во моето срце.
Од нив ечи вревата на мислите
кои спремаат бегство од мојот череп.
Моите стихови не се поттикнати
од некакво душевно просветление
доживеано во само едно парче миг
покрај бистар жуборлив извор.
Тие се настанати како резултат
на ставови градени со години,
прикован за школските клупи
и изгубен во застрашувачките сенки
на зградите со распаднати фасади.
Не ми пее петлето,
како што вели дедо ми.
Мене ми рика
незадоволниот граѓанин.
КРАТКА ПЕСНА ЗА СКОПЈЕ
Пуст остров на науката;
ренесанса на фашизмот;
бисер на порнографијата;
Ова не е градот кој никогаш не спие.
Ова е градот со нормален биоритам.
Ова е градот на мртвите души.
ЕДНО ОБИЧНО МАКЕДОНСКО СЕМЕЈСТВО
Бабата разговара со кучето.
Таткото се кара со телевизорот,
кој емитува изјава на некој политичар.
Мајката ги жали несреќните
ликови во турските серии.
Синот ги пцуе ботовите што
го убиваат во RPG5*-то.
Ќерката му изјавува љубов на актерот
од постерот на ѕидот над нејзиниот кревет.
Колективен облик на блага шизофренија –
дијагноза на секое обично македонско семејство
* – анг.: Role playing game-вид на компјутерска игра
-Улчар си игра со сите алатки што му стојат на располагање. Тој ја расклопува поезијата на делчиња и повторно ја составува. Не се плаши да влезе во експеримент во кој сѐ станува поезија. Се заигрува и така заигран добива хибридни песни, кои може да го шокираат, да го изненадат, да го насмеат, да го подзамислат читателот. Тоа зависи од читателот. Тој ја деконструира книжевната традиција, си игра со веќе зададените општествени вредности, и со својата одлична смисла за хумор ги става на ачик, им фрла сноп светлина, ги покажува со лице на кое не сме навикнати да ги гледаме. Нешто слично на она „Царот е гол!“ , вели рецензентот на книгата Ѓоко Здравески.
Публицитет.мк