По 10 години активна и напорна работа мапата мозаик на Охрид – Лихнид дело на познатиот охридски и македонски конзерватор и реставратор Никола Упевче е готова.
Денеска – авторот на ова вредно и несекојдневно дело Упевче заминува за Назано во близина на Рим каде што за прв пат мапата – мозаик ќе биде изложена јавно. Упевче со неа ќе учествува на Меѓународната изложба на мозаици и инсталации. Идејата е мапата трајно да биде поставена на Малиот плоштад кај поранешната библиотека во Охрид на почетокот од улицата „Коста Абраш“.
-Градот Охрид е еден од 35-те градови заштитени од УНЕСКО за природното (1979) и за културното наследство (1980). Идејата за мозаикот “Карта на Охрид” ми се роди во 2006 година со развојот на апликацијата Google Maps. Дизајнот е базиран на вистински географски координати и визуелни елементи во Google Maps. Мозаикот има специфичен птичја перспектива и ги содржи сите постоечки патеки и патишта во градот главно лоциран на рид опкружен со Охридското Езеро. Деталите вклучуваат скали кои водат преку автентични архитектонски структури меѓу денешните куќи под кои се сочувани многу остатоци од археолошки локалитети. На мозиакот претставени се; Тврдината, Горна Порта, Антички театар, Ранохристијански базилики, гробови, цркви, џамии и амами со групи на амбиент пејзажи со карактеристична архитектура на градот.
Највлијателните и живописни ансамбли на објекти и околини како што се ранохристијанскиот комплекс на Плаошник со три плоштади и ранохристијански базилики, Катедрална црква Св. Софија, Пресвета Богородица Перивлептос, археолошки локалитет Дебој, Св. Константин и Елена, Св. Козма и Дамјан, Четириесет Севастиски маченици, Св. Никола Геракомија, Богородица Болничка и Св. Никола Болнички, семејна куќа на Робевци со музеј на археологија и лапидариум, св. Јован Богослов (Канео)…
Овој проект Упевче, лани го презентирал на тринаесеттата конференција на Интернационалниот комитет за конзервација на мозаици (ICCM) во Барцелона.
Во неговото 18 годишно искуство како автор и конзерватор-реставратор работел на повеќе од 2000 м2 мозаични декорации во Македонија и надвор. Негови мозаици можат да се најдат во САД, Париз, Арл, Рим, Белград, Скопје… како и во неговиот роден Охрид.
М. Јованоски, Публицитет.мк