Љупчо Таневски сопственик на „Мега стар продукција“ и порталот „Охрид1“
Годинава која минува на професионален план ќе ја паметам по финансиското консолидирање на мојата фирма која во декември 2014-та беше пред финансиски колапс и сето тоа заради моја вина.
Мината 2015 беше година потрошена на враќање на финансискиот раст на мојот мал бизнис, која за жал во 2014-та помина низ финансиски најтешкиот период.
За да застанеме повторно цврсто на свои нозе поминавме една година во напорно работење на враќање на клиентите и добивање доверба кај новите клиенти, но и напорно работење на задржување на публиката.
И тоа не помина лесно бидејќи цело време се случуваа ниски удари од одредена група на луѓе кои поведоа една хајка против дел од клиентите на социјалните мрежи што дополнително ни го отежна враќањето во живот.
Иако најголем товар понесов јас, мора јавно да се заблагодарам пред се’ на Стојан Стојановски, Тој е еден од главните столбови на фирмата каде заедно работиме, пожртувуван сојузник и непоколеблив човек кој во најтешките моменти сам го финансираше ”Охрид1” од неговата работа и притоа игнорирајќи ги сите понуди да премини во дурги меидуми кои ги добиваше токму во тој период.
Без него немаше да ја надминеме кризата и да се издигнеме повторно на врвот каде со години бевме, потоа на Сузана Вренцоска која една деценија е лојален и верен соработник и на новинарот Милчо Јованоски кому на почетокот од оваа година му доцнеа хонорарите и имаше разбирање за тоа.
На приватен план годината ќе ја паметам по првиот училишен час на мојот син Андреј, кој годинава беше прваче. Тој е мојата среќа и следствено настаните кои уследуваат со неговото растење ме исполнуваат и му даваат смисла на сето останато што го правам. Сигурен сум дека со сопругата Мирјана долго ќе се сеќаваме на авантурите кои ги имавме на летниот одмор, каде обиколивме неколку острови во Јонско Море и си дозволивме авантури за паметење.
Годината приватно ќе ја паметам и по новите две пријателства кои се создадоа сами по себе од расплетот на еден ”конфликт” , а за кои сум сигурен дека се вистински и дека се за цел живот.
Охрид годината ќе ја памети по стартот на инвестицискиот циклус на градоначалникот Никола Бакрачески и претворањето на градот во големо градилиште и менувањето на градот, но и по финансиското консолидирање и прекинувањето на задолжувањето и враќањето на милиони евра долгови, кое прв пат се случи по децении во нашиот град. Потоа по 55-тото Охридско лето и по настаните во рамки на овој реномиран фестивал.
Македонија за жал и оваа година ќе ја памети по политичката криза и бомбите, а светот по налетот на тероризмот кој стана глобална појава и ново зло пред кое е исправена нашата цивилизација.