Елена Михајловска,новинар во OhridNews
Мора да се признае дека изминатава 2015 година, ќе биде запаметена како една од најдраматичните години за Република Македонија, која се надевам и посакувам да не се повтори. Ова беше година на многу протести и контра протести, на митинзи и контра митинзи, на експерти и контра експерти, на маратонски преговори, политички договори и анкетни комисии. Едноставо, година со големи поделби и препукувања, која наместо да не придвижи напред не врати многу чекори назад. За жал годината што измина ја одбележа и немилиот инциден во Куманово во кој загинаа припадници на македонските безбедносни сили, а негативен печат остави и мигранската криза која не ја одмина и нашата земја.
За среќа политичките проблеми на национално ниво не се одразија во голем мера на локално ниво, па годината што измина за Охрид и не беше толку негативна. Летната сезона во 2015 година ќе биде забележана како една од најуспешните на Охридското крајбрежје. Позитивен печат оставија и новите чартер летови кои беа воспоставени до охридскиот аеродорм, како и целокупното издание на јубилејното 55-то Охридско лето. Минатава година ќе биде запаметена и по изградбата на новите кружни крстосници на булевар „Туристичка“, кои пешаците и возачите ги натераа на нови навики во сообраќајот.
Како најпозитивен настан кој беше на најавните шпици на сите телевизиски вести и на насловните страници на сите дневни весници е проектот на Меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски кој во текот на 2015 година го пренурка Охридското Езеро и дојде до голем број научни сознанија од езерските длабочини, кои до сега не и беа познати на јавноста.
На личен план 2015 година ќе ја запаметам по низа работни ангажмани, динамично лето, интересни дружби со пријателите, по летниот одмор во Грција и релаксирачките викенди во мојот роден град Гостивар.
Се надевам дека во 2016 година на сите ќе ни донесе добро здравје и многу љубов и дека ќе пишуваме и ќе читаме за многу поведри теми.