Уште една значајна личност на Охрид го напушти овој свет. Денес ја добивме несаканата вест дека починал нашиот колега и соработник, доаејнот на Радио Охрид – спикерот и новинар Цветко Божиноски, напиша на ФБ Димитар Смилески, поранешниот негов и наш колега, новинар,уредник и директор на Радио Охрид.
-Секое утро, во 7 часот, слушателите на Радио Охрид, со нетрпение го очекуваа неговиот глас и гласот на неговата колешка, спикерката Леонора Чекреџи: „Зборува Радио Охрид“! Остана препознатлив по својот глас, по тонот и дикцијата на чисто македонски јазик, но и како репортер на многубројните емисии за село, што ги подготвуваше. Секогаш педантен во облекувањето, борец за правдина, добар другар и пријател и таков ќе остане во меморијата на колегите со кои соработуваше и со сите оние што го познаваат.
Радио Охрид веќе го нема, но делата што ги оставија новинарите, заедно со спикерите Цветко и Леонора, уште долго ќе бидат присутни во спомените на верните слушатели на Радио Охрид, напиша м-р Смилески.
Почитуван наш колега Цветко, Ц.Б нека ти е вечна слава!

Публицитет.мк од архивата на поранешниот новинар, уредник и директор на Радио Охрид, Милчо Јованоски, споделува аудио сеќавање на гласот од неповторливиот Цветко Божиноски.
Погребот на колегата Божиноски е утре – среда на Градските гробишта во Охрид од 13 до 13 и 30 ЧАСОТ.
Публицитет.мк