Милена Дравиќ, една од најголемите српски актерки, почина ноќеска во Белград на 79 години, по долго и тешко боледување. Дравиќ починала во Клинички центар на Бежаниска коса, каде се наоѓала на лекување.
Милена Дравиќ, една од најпознатите српски и југословенски актерки, е родена на 5 октомври 1940 година во Белград.
Играше во преку сто филмови, а најголемата популарност ја доби во соработка со колегата Љубиша Самарџиќ.
Нејзини најпознати улоги се во филмовите „„Утро“, „Козара“, „Битката на Неретва“, „Работа на одредено време“, „Татко на службен пат“, „Секула повторно се жени“, „Не е лесно со мажите“, „Зона Замфирова“…
Позната е и по култните серии „Театар во куќа“ и „Луд, збунет, нормален“ и ред други серии кои и денеска се актуелни и гледани.
Во 1980 година Милена Дравиќ ја доби наградата за најдобра споредна улога на Канскиот фестивал, специјалната награда Златна роза на Филмскиот фестивал во Венеција, како и најспрестижните награди на екс југословенските простори.
Поради тоа ја сметаат за најголема ѕвезда во историјата на српската и на југословенската кинематографија.
Милена Дравиќ и Драган Николиќ беа еден од најомилените актерски двојки на просторите на поранешна Југославија. Тие речиси целиот свој работен и животен век го поминаа заедно. Во брак беа четири ипол децении.
Драган Николиќ почина на 12 март 2016 година.
Во раните деведесетти од минатиот век славната Милена Дравиќ гостуваше во Охрид со монодрамата „Милена во светот на мажите“, тогаш таа беше гостин во живо на брановите на Радио Охрид. Во архивата на соспственикот и уредник на нашиот портал Милчо Јованоски, тогаш новинар и одговорен уредник на Радио Охрид остана и дел од интервјуто со Милена. Сега како доказ за нејзината едноставност и воедно големина. Жена која владееше на и зад сцената. Жена со посебна убавина, мудрост и префинетост.
Со клик на линкот слушнете го интервјуто во целост
Публицитет.мк