Нестор беше предводник на славната генерација македонски пливачи маратонци заедно со Климе Савин, Атина Бојаџи и Дики Бојаџи кои ги поставија основите на македонското маратонско пливање.
На 19 август 1958 година година Нико Нестор стана првиот пливач што го препливал Охридското Езеро од Св .Наум до неговата родна Струга.
Една година подоцна, на 9 септември 1959 година, Нестор го направи историскиот подвиг – стана првиот Македонец и првиот пливач од тогашна Југославија што го препливал каналот Ла Манш.
„Страв не чувствував. На целта стигнав прв, во местото Сен Маргет, на британскиот брег и покрај тоа што осеката често ме влечеше кон каналот. Излегов свеж, на нозе. Заморот не го чувствував. Како воопшто да не сум пливал“, вели Нестор во интервју за Нова Македонија од 2009 година.
Англискиот печат пишува за Нико Нестор како за прв човек „од зад железната завеса“ кој успеал да го преплива Ла Манш.
„Додека пливав во студените води, мислите постојано ми лутаа кон моите сограѓани, кон мојата Македонија. Не сакав ниту да помислам за некаква криза или пак, некакво откажување. Не смеев да ги разочарам“, раскажува Нестор во споменатото интервју.
„За сето време додека пливав, јас бев и се чувствував како аматер. Кога го освоив 9. место на маратонот Атлантик Сити, бев прв меѓу аматерите. И покрај понудениот коверт со парична награда, јас не го земав, а можев тоа да го сторам. Затоа и денес го преферирам аматерскиот спорт. Штом парите влезат во спортот, тука нема повеќе спорт, туку преовладува интересот. Јас од пливањето не заработив пари, но добив голем углед кај граѓаните што ме исполнува и ме прави среќен. Тоа не се плаќа со пари.“
„За Нико Нестор, првиот човек од зад железната завеса што го преплива Ла Манш (9.9.1959)“
Нико Нестор е роден на 10 јуни 1934 година во Струга. Завршил средно фискултурно училиште и виша школа за надворешна трговија во Белград. До прво одделение живее во Струга, а потоа се сели во Охрид. Во 1946 година се зачленува во пливачко-веслачкото друштво „Охридски бранови“. Неговиот омилен стил е краул. Долго време бил македонски рекордер на 50, 100, 200, 400, 1.000 и 1.500 м, а играл и ватерполо.
Во 2000 година е назначен за претседател на возобновениот Охридски маратон, бил и негов почесен претседател. Настапувал на повеќе маратони ширум светот. Охридско Езеро од „Свети Наум“ до Струга го препливал повеќе пати.
Извор: Окно.мк Екипа.мк, Нова Македонија